Граѓаните ќе добиваат пониски сметки за струја и почист воздух

17

Со новиот Законот за енергетска ефикасност, кој беше донесен на последната седница на Собранието, земјава добива уште една силна законска рамка, усогласена со европските стандарди, која директно ќе придонесе за пониски сметки за граѓаните, почиста животна средина и за отворање нови зелени работни места, велат од Министерството за енергетика и рударство.

– Законот обезбедува суштински исчекор во намалувањето на потрошувачката на енергија, интеграција на обновливите извори и намалување на емисиите на стакленички гасови. Со неговото спроведување, ќе се создаде стабилен систем, кој ќе ја приближи земјава до европските климатски цели и до концептот на зелена транзиција – велат оттаму.

Новиот Закон за енергетска ефикасност донесува повеќе новини, меѓу кои: воведување на европскиот принцип „енергетската ефикасност на прво место“, донесување долгорочна стратегија за реконструкција на станбените, јавните и на комерцијалните згради во енергетски ефикасни објекти, како и тројно зголемена заштеда во јавниот сектор – задолжителна реконструкција на најмалку 3 % од јавните згради годишно.

Се воведува обврска за задолжително поставување соларни колектори при изградбата или реконструкцијата на училишта, градинки и на јавни институции и се воведува финансиска поддршка за инвестициите во соларни панели, геотермални системи и во паметни технологии.

Со новиот Закон се воведуваат и високи стандарди во јавните набавки, дигитална транспарентност и професионализација на енергетските контроли, се вклучуваат сертификатите за енергетски карактеристики во Катастарот на недвижности и се поттикнува меѓуопштинската соработка.

– Со усвојувањето на овој Закон, се воспоставува правна, економска и социјална рамка, што ги намалува трошоците за граѓаните и за бизнисите, ја забрзува интеграцијата на обновливите извори и овозможува креирање одржлив енергетски систем – велат од Министерството за енергетика.

Законот за енергетска ефикасност, велат од Министерството, е дел од пакетот реформски закони што го поставуваат темелот за стабилен, одржлив и конкурентен енергетски сектор – со енергетска сигурност, подобар квалитет на живот за граѓаните и забрзано приближување кон Европската Унија.

ИЗДВОЕНИ