Министерството за енергетика подготви измени и дополнувања на Законот за енергетска ефикасност со кои се прави суштински исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, намалување на емисиите на стакленички гасови и интеграција на обновливите извори на енергија. Како што наведуваат од Министерството, со предложеното законско решение се обезбедува усогласување со ЕУ-стандардите, се поттикнуваат економски придобивки и се овозможуваат придобивки за граѓаните, кои би довеле до пониски сметки за енергија, подобра заштита на животната средина и отворање нови зелени работни места.
Клучни новини од измените и дополнувањата се воведување на европскиот принцип „Енергетска ефикасност на прво место“, јавниот сектор, енергетските компании и потрошувачите ќе бидат обврзани да ги применуваат најдобрите мерки што се однесуваат на трошоците и на ефективноста за оптимизација на енергетските системи, вклучително и технологии базирани на обновливите извори на енергија.
Владата, на предлог од Министерството, ќе усвои 20-годишна стратегија за реконструкција на станбените, јавните и комерцијалните објекти, кои ќе се трансформираат во енергетски ефикасни згради со речиси нулта потрошувачка. Оваа стратегија предвидува интеграција на соларните системи и на другите обновливи извори на енергија.
Тројно зголемена заштеда во јавниот сектор – годишната цел за заштеда на енергија во јавните згради се зголемува од 1 на 3 %, со задолжителна реконструкција на најмалку 3 % од вкупната површина на јавните објекти секоја година. Задолжителни сончеви колектори – на јавните згради при изградба или значајна реконструкција на училиштата, градинките и на другите јавни институции ќе се вградуваат сончеви колектори за топла вода, каде што е технички и економски изводливо.
Финансиска поддршка за енергетска трансформација – Министерството воспоставува финансиска поддршка и финансиски механизми за инвестиции во соларни панели, геотермални системи и во паметни технологии.
Нови регулативи и годишни програми – Владата ќе донесува уредби и програми за поддршка за реконструкција на зградите за домување, јавните и комерцијалните згради. За спроведување на годишната програма за мерките за поддршка за реконструкција на зградите за домување, јавните и комерцијалните згради, Министерството ќе објавува јавни повици за доделување право на користење мерки за поддршка на енергетската ефикасност и преку постапка на јавна набавка ќе врши избор на правните лица за изведување на работите за реконструкција за поголема енергетска ефикасност.
– Со овие измени и дополнувања се создава правна, економска и социјална рамка, која ги намалува трошоците на граѓаните, бизнисите и на јавниот сектор, го забрзува усвојувањето обновливи извори на енергија, отвора нови работни места во зелените технологии и во градежништвото, ја доближува земјата кон европските стандарди и климатска неутралност. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува целосно посветено на реализацијата на реформите во енергетскиот сектор и на исполнување на европските стандарди. По веќе усвоениот Закон за енергетика, се очекува до крајот на годинава да бидат донесени и законот за енергетска ефикасност, законот за користење енергија од обновливи извори, законот за рударство, законот за геологија, законот за концесии на добра од општ интерес и законот за јавно-приватно партнерство. Со ова, Министерството ја потврдува својата визија за стабилен, одржлив и конкурентен енергетски сектор, кој ќе обезбеди почиста животна средина, енергетска сигурност и подобар квалитет на живот за сите граѓани – пишува во соопштението.