Причината за поништувањето на тендерот за набавка на 120 електрични автобуси и станици за полнење е тоа што на јавниот повик, кој беше објавен на 17 јуни со краен рок за доставување на понудите 24 јули, 2025 година, само една компанија доставила понуда.
– По извршената евалуација, Комисијата надлежна за спроведување на јавната набавка утврди дека компанијата не ги исполнува критериумите во согласност со објавениот јавен повик – објаснија од Министерството за транспорт кое го распиша тендерот, без да наведат за која компанија станува збор и дали е таа домашна или странска
Голготата со јавниот превоз ќе продолжи и оваа зима. Скопјани повторно ќе се возат во стари и дотраени автобуси кои или доцнат или се расипуваат бидејќи не ќе може да се набават нови. Причината за тоа е што Министерството за транспорт го поништи тендерот за избор на понудувач за набавка на 120 електрични еколошки автобуси за јавен превоз и станици за полнење. Од Министерството соопштија дека на јавниот повик, кој беше објавен на 17 јуни со краен рок за доставување на понудите 24 јули, 2025 година, само една компанија доставила понуда.
– По извршената евалуација, Комисијата надлежна за спроведување на јавната набавка утврди дека компанијата не ги исполнува критериумите во согласност со објавениот јавен повик – објаснија од Министерството за транспорт, без да наведат за која компанија станува збор и дали е таа домашна или странска.
Оттаму додаваат дека во следниот период ќе бидат направени дополнителни анализи околу набавката на електрични еколошки автобуси и ќе ја информираат јавноста.
По распишување на локалните избори, што треба да се случи во првата половина на август, законски не е дозволено да се распишуваат тендери, како што не се дозволени ниту нови вработувања. Повторното распишување на тендерот би било по завршување на изборите, за што повторно ќе биде потребен подолг период.
– Летово се возиме во автобуси во кои нема клима и кои се расипуваат. Зарем треба да се мрзнеме чекајќи на автобуските станици и оваа зима, па ако имаме среќа да не се расипат или запалат, безбедно да стигнеме до саканата дестинација. Никако да се реши проблемот со јавниот превоз за кој плаќаме – коментира скопјанка.
Според тендерската документација стануваше збор за 120 електрични автобуси со капацитет за 8 + 1 патници, со маса поголема од пет тони.
Освен тоа, заедно со автобусите се предвидуваше да се набават и 60 станици за полнење на електричните автобуси со моќност од најмалку 150 КW. Проценетата вредност на набавката без ДДВ изнесуваше 2.345.338.983 денари.
Купувањето на автобусите и на станиците за полнење требаше да биде со одложено плаќање.
Премиерот Христијан Мицкоски ја најави набавката на електричните автобуси при крајот на ноември минатата година, од Белград, на Македонската вечер во рамки на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“. Тогаш тој рече дека тие ќе бидат распределени не само во Скопје за ЈСП туку и за оние општини каде што има организиран јавен градски превоз по пропорцијата 80:40 или можеби 70:70 и дека со тоа драматично ќе се олесни и јавниот превоз во Скопје, но и во другите општини. Во однос на техничките спецификации, рече дека времетраењето на полнењето на автобусите ќе биде околу два и пол часа, што ќе биде доволно за да сообраќаат 350 и 400 километри на дневно ниво. Во однос на условите на плаќање, тој напомена дека автобусите и станиците за полнење ќе почнат да се отплаќаат во првата половина од 2028 година, на осум полугодишни рати, што ќе е во период од четири години или грејс-период од три години.
По распишувањето на тендерот, министерот за транспорт, Александар Николоски, појасни дека било предвидено на два автобуса да има најмалку една станица за полнење. Како што рече од 120, се очекува 80 да бидат наменети за градскиот превоз во главниот град, а останатите 40 да им бидат поделени на општините што имаат јавен превоз.
– На тој начин се надевам дека ќе помогнеме не само граѓаните побрзо и поефикасно да стигнуваат во рамки на општините во кои живеат туку и за заштита на животната средина зашто се работи за целосно електрични автобуси кои треба да намалат голем дел од загадувањето – потенцираше Николоски.
Засега, освен шесте еколошки автобуси на компримиран природен гас, кои Град Скопје ги доби како донација од Европската Унија преку проектот „ЕУ за чист воздух“, а му беа предадени на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ пред осум месеци, остануваат недоволниот број дотраени возила со кои тоа располага.
(А.П.)