Со купувањето домашни производи се јакне македонската економија и им се помага на домашните компании. Досега, во државава се спроведоа повеќе кампањи за купување македонски производи, кои имаа цел да ја зголемат потрошувачката и да се поттикне земјоделското производство. Земјоделците ја поздравуваат новата кампања „Македонско најдобро“, но сметаат дека е задоцнета, бидејќи 80 отсто од земјоделските производи се од увоз, а најголем дел од прехранбените производи што се произведуваат во домашните компании се со увозни суровини. Поради тоа, изборот на македонските граѓани е доста стеснет, како во однос на цената така и во однос на квалитетот. Од друга страна, пак, поради инфлацијата и високите цени, голем дел од граѓаните гледаат да купат само поевтино и не ги интересира дали е македонско, српско, босанско…
Универзитетскиот професор и земјоделски експерт, Илија Каров, вели за весникот ВЕЧЕР дека ние немаме доволно земјоделско производство, речиси 80 отсто од земјоделското производство е од увоз. Поради тоа, се поставува прашањето кои домашни земјоделски производи ќе ги купуваат граѓаните.
– Луѓето ги интересира само цената, а не дали е македонски производ. Пензионерите не ги гледаат етикетите на производите за да видат дали е македонски, српски, босански…, туку ја гледаат цената. И домашните производи не се веќе домашни, бидејќи се прават со увозни суровини и одамна го загубија квалитетот што го имаа. Така, на пример, една домашна млекарница дневно купува три тона млеко, а произведува 6 тона сирење и кашкавал. Ова значи дека веќе ништо не е природно и се ставаат најразлични додатоци, како палмино масло и млеко во прав. Ако го исечете кашкавалот, по еден ден ќе видите дека фатил корка и дека почнал да пука, тоа е доказ дека има вештачки додатоци. Ние немаме доволно домашно млеко, кое може да се употреби како суровина за млечната индустрија, бидејќи сточниот фонд е намален за 80 отсто. Слична е состојбата и со месото. Ние немаме доволно свежо месо, а замрзнатото месо за потребите на индустријата целосно го увезуваме. Саламите, колбасите, чајната, куленот… се произведуваат од увозно месо – вели Каров.
Според него, наместо да се даваат пари за вакви кампањи, подобро е да се стимулира домашното земјоделско производство и да се стимулираат младите да се вратат во селата и да чуваат стока.
Од Националната земјоделска мрежа ја поздравуваат кампањата на Владата за купување домашни земјоделски производи, но сметаат дека е потребна законска регулатива со која ќе бидат стимулирани трговските синџири да продаваат домашни земјоделски производи, односно на полиците во маркетите да има повеќе домашни отколку увезени земјоделски производи.
– Кај нас, за жал, доминираат интересите на големите трговски синџири, кои ги интересира исклучиво личниот профит, а не џебот на потрошувачите. Сведоци сме дека пред две децении нашите пазари и маркети изобилуваа со квалитетни млечни и месни производи по прифатливи цени, а сега ги немаме ниту тој квалитет ниту тие цени. Сега, една петтина од вкупниот буџет ни оди за увоз на храна, која не е ни приближно по квалитет до онаа што ја увезуваме. Од друга страна, сега немаме ни суровини за производство на прехранбени производи, па така прашање е колку домашните производи се навистина домашни – вели Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа.
Граѓаните, исто така, велат дека, поради високите цени, важна им е само цената, а не од каде е производот. Така, на пример, купуваат босанско млеко ,кое е за 20 до 30 денари поевтино од домашното, српски салами и колбаси, кои, исто така, се поевтини. Но, има и граѓани што се навикнати на одредени увозни производи, кои се подобар квалитет, па тешко може да ги сменат навиките и да купуваат македонски производи.
Со оваа кампања, Владата очекува да се зголеми побарувачката за македонски производи, што директно ќе влијае на растот на земјоделското производство и ќе го намали увозот на храна. За премиерот Христијан Мицкоски, пак, кампањата „Македонско најдобро“ е патриотска кампања и сите треба да купуваме македонски производи затоа што навистина е најдобро тоа.
– Тоа е суштината на оваа кампања, да ги поттикнеме македонското производство и преработувачката индустрија. Јас сум многу среќен што главен двигател на растот на домашното индустриско производство е токму растот на преработувачката индустрија. Сите мора да се ориентираме кон македонското, сите да им се посветиме на македонските езера, планини, села, вино, сирење, кашкава, месо, оти тие се преубави – истакна Мицкоски.
Ваква кампања има во Грција, каде што големите трговски синџири се обврзани со закон да имаат најмалку 50 отсто домашни земјоделски производи на рафтовите. Слична иницијатива има и во Бугарија, каде што државата ги фаворизира домашните производи преку отворање специјализирани продавници за земјоделски производи со максимална маржа од 10 отсто.
(А. С.)