Граѓаните долгорочно плаќаат висока цена, храната им ги празни паричниците

Граѓаните се жалат дека инфлацијата им ги „јаде“ платите и пензиите веќе подолго време. Додека Владата бара подолгорочни решенија за инфлацијата, која зема замав, цените, особено на овошјето и на зеленчукот, вртоглаво растат. Премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека замрзнувањето на цените, како мерка, овој пат нема да биде во игра. Дел од експертите предлагаат замрзнување на цените на подолг рок од една година, а дел – зголемување на домашното земјоделско производство, бидејќи речиси 90 отсто од храната е од увоз

346

Во очекување на најавените владини мерки, експертите изнесоа различни мислења околу тоа како да се спречи растот на инфлацијата. Дел од експертите предлагаат замрзнување на цените на подолг рок од една година, а дел – зголемување на домашното земјоделско производство, бидејќи речиси 90 отсто од храната е од увоз. Ефектот од мерките за ограничување на цените на храната, според нив, е краткорочен и има ефект додека траат мерките, а потоа цените не само што не се враќаат по старо туку и повторно растат. Граѓаните се жалат дека инфлацијата им ги „јаде“ платите и пензиите веќе подолго време. Додека Владата бара подолгорочни решенија за инфлацијата, која зема замав, цените, особено на овошјето и на зеленчукот, вртоглаво растат. Премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека замрзнувањето на цените, како мерка, овој пат нема да биде во игра.

Тој смета дека новите мерки ќе имаат политичка цена, но, како што вели, подобро на краток рок да ја платиме политичката цена отколку граѓаните да ја плаќаат во континуитет, на долг рок.

– Откако го лоциравме проблемот, свесни сме дека тоа, можеби, ќе има и политичка цена, и тука немаме никаква дилема, но подобро на краток рок да ја платиме таа политичка цена отколку граѓаните да ја плаќаат во континуитет, на долг рок – подвлече премиерот за мерките кои ги носат и кои, како што рече, нема да бидат популистички.

Премиерот пред два дена рече дека се прават детални анализи и дека Владата не сака да донесе популистички мерки, туку трајно решение за цените на храната. Практиката покажа, додаде, дека ограничувањето на маржата само се прелева во другите месеци и потоа цените се балансираат. Тоа е замка, во која, потенцира, не треба да паднеме. Тој ги посочи растечките трошоци во угостителските и на транспортните услуги како клучни фактори за инфлацијата во Македонија, со зголемување од 4 до 5 %. Конкретно, угостителските услуги бележат пораст од 24 до 25 % во споредба со претходната година, слично како и транспортните услуги.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија сметаат дека за да се реши инфлацијата, потребни се долгорочни мерки, а не краткорочни, кои имаат само моментален ефект.

– Ограничувањето на маржите и на цените дава резултат само во моментот додека е на сила, а потоа практиката покажа цените не само што не се враќаат на старо туку и двојно се зголемуваат. Ние цело време апелираме да се донесат долгорочни мерки и кога беа ограничувањата, апелиравме да траат неколку месеци за граѓаните да го почувствуваат ефектот од мерките. И сега сметаме дека треба да се донесат мерки за стимулирање на домашното земјоделско производство, бидејќи се виде дека увезуваме најголем дел од храната, а најмногу на удар се овошјето и зеленчукот – изјави за весникот ВЕЧЕР Тања Тасевска од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Таа додава дека храната најмногу удира по семејниот буџет и ги празни паричниците на граѓаните, бидејќи тоа е нешто што граѓаните го купуваат секојдневно.

Во однос на „Училишната кошница“, од ОПМ велат дека мерката е добра, но се однесува само на мал дел од граѓаните, кои имаат деца за на училиште, а храната се однесува на сите граѓани и затоа сметаат дека треба што поскоро да се донесат мерките.

Дебатата за инфлацијата стана актуелна откако инфлацијата во Македонија во јули се искачи на 4,8 отсто годишно и на 1,1 на месечно ниво.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ