Општина Гевгелија и Инспекторатот за животна средина при Општина Гевгелија ги известуваат сите граѓани дека е неопходно строго да внимаваат на видот на материјалите што ги користат во дoмашните печки и котли за затоплување.
– Потсетуваме дека согорувањето отпад како пластика, гума, текстил, отпадно масло, стар мебел (лакирани и обоени отпадоци од дрво и од мебел), стиропор, како и други недозволени материјали претставува сериозен ризик за здравјето на луѓето и на животната средина. Горењето недозволени материјали предизвикува појава на токсични гасови и густ чад, кои ја загадуваат атмосферата и го нарушуваат квалитетот на воздухот – се наведува во соопштението на Општината.
Оттаму додаваат дека ќе преземат засилени контроли и законски мерки против сите физички и правни лица што согоруваат отпад во домашни или во индустриски уреди за греење, при што следуваат и соодветни казни според прекршокот.












