Граѓаните да не внесуваат млечни и сувомесни производи од Албанија и Косово

И покрај тоа што државата презема заштитни мерки за да се спречи ширењето на оваа болест, која предизвикува сериозни материјални штети, сепак, сточарите се согласуваат дека никогаш не постои целосна заштита. Поради потврдените случаи на болеста во соседството, Агенцијата за храна и ветеринарство досега донесе одлуки за забрана на увозот и транзитот на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од Романија, Унгарија, Грција, Бугарија, а во моментов се активни забраните од Албанија и од Косово. Од АХВ апелираат и до граѓаните што патуваат да не внесуваат во земјава млечни и сувомесни производи од Албанија и од Косово

1074

Демне опасноста од ширење на чумата кај малите преживари – овци и кози која се појави во повеќе земји во регионот. И покрај тоа што државата презема заштитни мерки за да се спречи ширењето на оваа болест, која предизвикува сериозни материјални штети, сепак, сточарите се согласуваат дека никогаш не постои целосна заштита. Поради потврдените случаи на болеста во соседството, Агенцијата за храна и ветеринарство досега донесе одлуки за забрана на увозот и транзитот на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од Романија, Унгарија, Грција, Бугарија, а во моментов се активни забраните од Албанија и од Косово.

Со оглед на фактот што може да се пренесе болеста преку најразлични животински производи, од АХВ апелираат и до граѓаните што патуваат во овие земји, да не внесуваат во земјава месо, производи и преработки од месо, млеко и производи од млеко, како и други нуспроизводи.

– Болеста се пренесува со контакт меѓу животните, секрети и екскрети, возила и опрема. Експертите, исто така, сметаат дека е можно да се шири болеста преку движењето на животинските производи, вклучувајќи ги свежото месо, внатрешните органи, суровото млеко, производите од сурово млеко, нетретираните коса и волна. Болеста не се пренесува на луѓето, но месото и млекото од заразено животно претставуваат инфективен материјал, кој не смее да ја напушти заразената зона и зоната под надзор. Вирусот преживува и во замрзнато месо – информираат од АХВ за весникот ВЕЧЕР.

Сточарите велат дека мерките за заштита од оваа болест треба да бидат на највисоко ниво и оти и покрај тоа што државата презема мерки да се анулира опасноста од внесување на болеста, сепак, треба да бидеме внимателни.

– Важно е болеста навреме да се детектира и навреме да се преземат мерки за спречување на нејзиното ширење. Во Албанија навреме се презедоа мерки и досега не е дозволено да премине на наша страна. Доколку во земјата во која ќе се појави болеста, како во случајот со Албанија, сите заразени животни се стават во карантин, се намалува опасноста од ширење на болеста. Има посебни заштитни мерки, кои се пропишани од Светската ветеринарна асоцијација и од ФАО и кои се преземаат во појасот каде што е детектирана болеста – изјави за весникот ВЕЧЕР Никола Георгиев, претседател на Сојузот на одгледувачи на овци.

Тој појаснува дека луѓето може да го пренесат вирусот преку облеката, чевлите… од заразено на здраво животно, но дека тие не се во опасност.

Болеста минатата година се појави во Грција и во Романија, каде што беа уништени голем број овци и кози, а потоа се прошири во Унгарија, Албанија и во Косово.

Георгиев вели дека во државава недостига авионско прскање против комарци, кои се преносители на болестите кај животните.

Од АХВ на дневна основа ја следат состојбата со чумата кај овците и кај козите. Особено е засилена контролата на евентуалното илегално движење на животни меѓу населените места лоцирани во пограничните појаси. Заради намалување на ризикот од појава и ширење на болеста, АХВ ги извести ветеринарните друштва и официјалните ветеринари за спроведување засилен надзор на одгледувалиштата со овци и кози и за пријавување на секој сомнителен случај на болеста.

Агенцијата за храна и ветеринарство го извести и Министерството за внатрешни работи за преземање засилени мерки за надзор и спречување евентуален шверц со живи животни – овци и кози од Албанија и од Косово во нашата земја.

(А. С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ