Граѓаните чекаат „летна кошница“ или замрзнување на жешките цени

64

Наскоро ќе биде познато кои мерки ќе бидат предложени за да се стопира порастот на цените на храната во земјава. Инаку, на маса се повеќе опции, меѓу кои замрзнување на маржите и цените, како и наменска потрошувачка кошница. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ќе разговара со министерот за економија, Бесар Дурмиши, за тоа кои мерки ги предлага ресорот за стопирање на инфлацијата.

– Јас немам такви информации дека мерките за кошничката, или како што рековте ограничување на маржите и слично, се при крај. По овој настан имам состанок со министерот за економија и труд и претпоставувам дека на тој состанок ќе разговараме што е она што треба да го преземеме во периодот што следува, соодветно на анализите што ги направивме“, вели Христијан Мицкоски.

Но, она што се знае е дека до крајот на месецов ќе се одржи седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС). Ако Комисијата утврдила кои се репрезентативни синдикати во земјава, премиерот не гледа причина зошто и, покрај одморите, да не се одржи седница. На маса треба да се најдат мерките за стопирање на порастот на цените, минималната плата како, и владината потрошувачка кошничка која требаше да биде јавно презентирана уште пролетва.

Министерството за економија сè уште прави анализи дали и какви мерки ќе се применат. Оттаму информираа дека доколку втор месец по ред има зголемување на цените, ќе се преземат мерки. Министерот за економија, Бесар Дурмиши, рече дека се работи во насока на носење мерки што ќе дадат долгорочни резултати.

– Се работи на тоа да ги поддржиме нашите земјоделски производители и производителите на основни прехранбени производи, бидејќи досега немавме такви мерки. Ако ги спроведеме овие мерки, ќе се намалат цените на земјоделските прехранбени производи, бидејќи тие ќе се произведуваат дома. Ние сме увозно зависна држава и речиси 80 отсто од производите ги увезуваме. Имаме капацитет и имаме можности и поради тоа треба да го поддржиме домашното производство – рече Дурмиши.

Дали ќе се преземат мерки како замрзнати цени и замрзнати маржи, како што рече, ќе се знае во наредниот период откако ќе се види дали има енормно зголемување на цените.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија веќе алармираа дека ЕСС треба да има што поскоро, бидејќи состојбата со цените е алармантна. Дополнителен проблем е што периодот за носење мерки е краток бидејќи пред нас се локални избори кои треба да се распишат во август, по што се запираат сите процеси.

Инаку, инфлацијата во земјава не стивнува. Статистика измери дека во јуни годишната инфлација била 4,5 проценти. Растеле сите цени, особено на храната. Па така, во јуни во однос на јуни лани тие биле повисоки за 6,3 отсто.

ИЗДВОЕНИ