Еколошки активисти од иницијативата „Стоп за Усје“, заедно со бројни граѓани, во саботата одржаа протестен марш низ Скопје, изразувајќи незадоволство од загадувањето на воздухот и барајќи Цементарница „Усје“ да работи строго во согласност со еколошките стандарди. Пораката од протестот беше јасна – граѓаните имаат право на здравје, чист воздух и безбедна животна средина.
Протестниот марш започна пред Владата, продолжи преку Собранието и заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), од каде учесниците побараа одговорно, стручно и транспарентно одлучување при обновувањето на А-интегрираната еколошка дозвола на цементарницата.
На протестот говореа жители од населбите Лисиче и Кисела Вода, кои живеат во непосредна близина на фабриката и кои, како што истакнаа, со години се изложени на последиците од индустриското загадување. Тие побараа поголема транспарентност и отчетност од надлежните институции при издавањето и обновувањето на дозволите за индустриски капацитети.
Драган Кавраков, дипломиран технолог и жител на населба во близина на цементарницата, посочи дека според постојната А-интегрирана дозвола, „Усје“ има право да произведува до 1.750.000 тони цемент годишно, при што количината на гориво што се согорува, како што рече, е приближно двојно поголема од вкупната годишна потрошувачка на гориво на сите возила во Скопје. Тој предупреди дека во дозволата нема јасно дефинирани критериуми за контрола на квалитетот на горивата, при што се дозволени значителни емисии на сулфур диоксид и согорување на алтернативни горива, како пластика, гуми и текстил.
Учесниците во протестот побараа и воспоставување 24-часовно јавно и независно мерење на емисиите директно од оџаците на цементарницата, оценувајќи дека без целосна транспарентност се продлабочува недовербата кај јавноста.
Во меѓувреме, директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски, неодамна истакна дека Цементарницата „ТИТАН Усје“ најдоцна до 12 март 2026 година треба да достави барање за oбновување на А-интегрираната еколошка дозвола. Постапката ќе се спроведува согласно одредбите од Законот за животна средина и ќе опфати учество на јавноста, дефинирање услови за работа и имплементација на најдобрите достапни техники.
Иако новиот Закон за индустриски емисии (бр. 193/2025), донесен во септември 2025 година, ќе започне со примена од 26 септември 2027 година, надлежните наведуваат дека тој може да послужи како насока при носењето одлуки поврзани со цементната индустрија и обновувањето на дозволите.
ТИТАН Усје: Не сме извор на загадувањето
Од ТИТАН Усје преку писмено соопштение ги отфрлија обвинувањата како неосновани и тенденциозни. Од компанијата наведуваат дека мерењата покажуваат оти и во периодите кога фабриката не работи, квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопје останува непроменет.
Како носител на А-интегрирана еколошка дозвола, ТИТАН Усје информира дека е под постојан 24-часовен независен мониторинг на емисиите, со мерна опрема од германската компанија СИЦК, до која, како што тврдат, немаат пристап.
Резултатите од мерењата се јавно достапни и покажуваат дека емисиите се под законски дозволените гранични вредности.
Компанијата посочува дека во последните шест години инвестирала над 36 милиони евра во модернизација, од кои 4,5 милиони евра биле наменети за заштита на животната средина, додавајќи дека независни анализи укажуваат оти индустријата има помало влијание врз загадувањето во споредба со греењето, сообраќајот и другите извори.
Од ТИТАН Усје порачуваат дека остануваат отворени за дијалог и ги повикуваат граѓаните, невладините организации и медиумите да ја посетат фабриката и директно да се информираат за нејзиното работење.
Податоците од институциите покажуваат дека во текот на 2025 година кај Цементарницата „Усје“ биле извршени вкупно шест инспекциски надзори – два редовни и четири вонредни, од различни државни инспекторати, вклучувајќи и ненајавени вечерни контроли, при што не биле утврдени неправилности.
(С.Бл.)












