Несовесни граѓани повторно фрлаат смет на зеленилото покрај булеварот „Дванаесетта македонска бригада“ во населбата Лисиче. Картони, полни вреќи со ѓубре стојат до самиот тротоар на булеварот. Граѓаните и претходно реагираа за тоа, а весникот ВЕЧЕР и претходно пишуваше за тоа.
Граѓаните велат дека речиси секој месец се чисти оваа мини депонија, но веднаш потоа на тоа место никнува нова. Тие се жалат дека проблемот трае со години и бараат чаре за несовесните граѓани. Прашуваат дали може Општина Аеродром да преземе мерки за трајно решавање на проблемот. Предлагаат да се постават камери за полесно да се најдат виновниците или, пак, некако да се огради просторот и да се постави табла дека е забрането фрлање смет кога, како што велат, совеста на поединци е на толку ниско ниво, што си земаат за право да фрлаат на јавни површини, каде што не е дозволено тоа, бидејќи постојат садови за тоа, односно контејнери.
Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека нивно е да исчистат, но дека општинските инспектори треба да бидат поажурни и постојано да контролираат.
В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, истакна дека е запознаен со проблемот и оти се фрла смет на три точки покрај овој булевар.
-Секоја недела го чистиме сметот на трите точки, иако тоа е во надлежност на ЈП „Комунална хигиена“. Немаме никаква соработка со ова претпријатие. Ова се случува бидејќи претпријатието редовно не го собира сметот, согласно со предвидената динамика, па луѓето си земаат за право да го оставаат секаде. Постојаното чистење, за нас, е дополнителен трошок. Нашите инспектори се постојано на терен, но имаме сознанија дека се фрла ѓубре и во неделите и во вечерните часови, кога инспекторите не се на терен – истакна Митески.
(А. П.)