– По одамнешното укинување на градското корзо, ние практично немаме наша улица – градско шеталиште, што, како градска одлика, го среќаваме кај поголемите градови и урбани центри, а особено во туристичките градови, насекаде на Балканот, а и пошироко – во светот. Затоа, како интелектуалец, писател и граѓанин тука, се решив на таков чекор. Крајно време е да се исправи таа голема неправда кон градот Кавадарци – рече подносителот на иницијативата, Тодор Богев
Кавадарци ќе добие градско шеталиште на местото на поранешното корзо. Станува збор за граѓанска иницијатива чиј подносител беше Тодор Богев, а беше прифатена од Советот на Општина Кавадарци. Богев појасни дека ја дал сега веќе прифатената иницијатива согледувајќи еден голем урбан недостаток на градот.
– По одамнешното укинување на градското корзо, ние практично немаме наша улица – градско шеталиште, што, како градска одлика, го среќаваме кај поголемите градови и урбани центри, а особено во туристичките градови, насекаде на Балканот, а и пошироко – во светот. Затоа, како интелектуалец, писател и граѓанин тука, се решив на таков чекор. Крајно време е да се исправи таа голема неправда кон градот Кавадарци – рече Богев.
Тој додаде дека градското шеталиште ќе биде во централното урбанистичко јадро на градот Кавадарци, дел од главната улица „Илинденска“. Според неговиот предлог, етапа по етапа, шеталиштето треба да се простира од градскиот плоштад до кружниот тек кај автобуската станица. Зона што ќе биде ослободена од автомобилски сообраќај.
Богев смета дека на тој начин Кавадарци ќе заличи на големите градови и дека со тоа ќе се отвори нова етапа во неговиот градски изглед и нова етапа на урбан, економски и културен раст и развој.
– Единствената улица што би била слободна за сообраќај би била од гимназијата, само надолу покрај киното, полициската станица и кон мостот на реката Луда Мара. Со тоа што место семафор, би стоел знакот „стоп“ за автомобилите, за да се застане секогаш кога ќе има пешаци што поминуваат на пешачкиот премин, со можност пред „зебрата“ да има и лежечки полицајци – сподели Богев.
Притоа, наведе дека во догледно време таму би можел да ce изгради и еден пешачки мост над сообраќајните делници, кој би опфаќал и делови од плоштадот.
– За да се добие еден дел со шанкови и со кафулиња, како трибина за седење на концертите во текот на манифестацијата посветена на гроздоберот и на други прослави, мостот би можел да се простира кружно, како ринг, од хотелот „Балкан“ до старата стоковна куќа – образложи Богев.
Тој нагласи дека сите овие предлози се во насока на подготвување на Кавадарци, како туристичко место, за развој на туризмот, меѓу кои винскиот, езерскиот, планинскиот, селскиот, алтернативниот и слично. Градот 365 дена во годината да биде отворен за посетители од земјава и од странство.
Инаку, корзото во Кавадарци во минатото било на три локации. Најнапред било во чаршијата, пред куќите на Ефтим Апостолов-Џамбазот и Игно Оравечки, на една бетонирана плоча, долга околу 150 метри. Втората локација, во педесеттите и на почетокот од шеесеттите години на минатиот век, била на улицата „7 Септември“ и на крајот, на улицата „Илинденска“ – од старата банка до старата автобуска станица. Последното корзо било во шеесеттите, седумдесеттите и во дел од осумдесеттите години на минатиот век.