Советот на Град Скопје едногласно усвои декларација со која го осудија насилството врз градоначалничката Данела Арсовска. За декларацијата што ја предложија советниците на СДСМ, а ја прочита координаторката Љубица Јанчева, гласаа и од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Ова следува откако Арсовска минатиот петок беше нападната за време на увид на дивоградба во Чаир.

– Свесни за важноста на владеењето на правото, принципите на демократијата и почитувањето на институциите, ја осудуваме секоја форма на насилство насочено кон институцијата градоначалник на Град Скопје и кон личноста што ја извршува оваа функција без разлика на нејзиниот пол, а особено насилството кон градоначалникот како жена, што е двоен напад – врз институцијата и врз достоинството и безбедноста на жените во јавниот живот – се наведува во дел од декларацијата.

Во документот се осудува и секое непочитување на законските процедури и механизми утврдени заради обезбедување ред, правда и безбедност на сите граѓани и функционери и се повикуваат надлежните органи да постапат согласно со своите законски ингеренции и да ги истражат сите случаи на насилство, закани или притисоци насочени кон институцијата градоначалник на Град Скопје и кон градоначалникот како жена.

Беше побарано „органите да постапуваат во согласност со наодите од своите истраги, да преземат соодветни мерки за спречување на насилството и криминалот и да обезбедат санкции за сите што ги прекршуваат законите и не ги почитуваат процедурите и институциите“.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, осуди секаков вид насилство, закани и притисоци.

– Такво однесување на кој и да е поединец е неприфатливо и е надвор од самиот здрав разум. Затоа, како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ, бараме институциите да го расветлат овој случај сè до конечно дознавање на вистината и утврдување на сите факти кои го разбранија овој случај – истакна Стојановски.

Градоначалничката на Град Скопје минатата недела објави дека таа и нејзините соработници биле физички и вербално нападнати за време на увид на дивоградба во скопски Чаир.

ИЗДВОЕНИ