Проектот „Градски воз“ е веќе почнат со првата фаза, која вклучува реконструкција и електрификација на пругата. Со трите планирани делници од Зелениково до Волково, овој систем ќе обезбеди брз, удобен и еколошки превоз за жителите на приградските општини, со цел значително да се намали користењето на патничките моторни возила и да се растовари сообраќајот во центарот на Скопје

 

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со прогресот на проектот „Градски воз“,  изјави дека проектот е исклучително важен и дека веќе е почнато со првата фаза.

– „Градски воз“ е исклучително важен проект за приградските населби и општини до центарот на главниот град. Во три фази ќе биде. Првата фаза веќе е започната, реконструкција на пругата и електрификација, ќе сообраќа електрична локомотива, електричен воз и 360 милиони денари е вредноста на проектот – одговори премиерот Мицкоски.

Претседателот на Владата истакна дека со трите делници од проектот очекува драстично да се намали користењето на патничките моторни возила.

– Првата делница е од Зелениково, преку Драчево, Лисиче, Кисела Вода, Аеродром, до центарот на Скопје, практично главна железничка станица. Втората делница е од Миладиновци, Илинден до Маџари, до главната централна железничка станица, а третата делница е од таа централна железничка станица, преку Скопје-Север, Ѓорче, до Волково. Приближно ова ќе биде маршрутата и цениме дека на овој начин ќе се растовари сообраќајот во Скопје. Голем број жители на општините околу Скопје и приградските општини ќе може да ги користат овие линии, ќе бидат навистина брзи, удобни и јас очекувам драматично да се намали користењето на патничките моторни возила, повеќе да се користи овој „Градски воз“ како проект – рече премиерот.

ИЗДВОЕНИ