Најдоцна од крајот на септември, паркирањето ќе се наплаќа и во Реонски Центар и во Ново Лисиче, каде што сега е бесплатно.
В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, вели дека за да почне наплатата, се чека одобрување на проектот.
– Зонското паркирање го менаџира и управува јавното претпријатие „Градски паркинг“, меѓутоа во координација сме со него. Зонското паркирање во Реонски Центар ќе почне паралелно со зонското паркирање во Ново Лисиче. Општината изготви проект, се чека негово одобрување од Град Скопје и од Министерството за внатрешни работи, по што веднаш ќе се подготват паркинзите за бележење и за поставување информативни табли. Очекувам во наредниот месец-два, најдоцна до крајот на септември, да почне да функционира зонското паркирање во Ново Лисиче и во Реонски Центар – изјави денеска Митески.
Жителите на Ново Лисиче и на Реонски Центар бараа едновремено да почне наплата на паркирањето за да се избегне „миграцијата“ на возила од едно кон друго место. Тие постојано се жалат дека паркирањето во овој дел од градот станува невозможно за резидентите, оти на паркинзите пред зградите паркираат и автобуси, комбиња и автомобили на луѓе што работат во други општини во Скопје, каде што се наплаќа паркингот, што дополнително им го отежнува животот.