Во буџетот на Град Скопје, освен идеите и предлозите на граѓаните, според скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, ќе бидат опфатени и приоритетните капитални проекти што беа најавени во делот на инфраструктурните зафати, културата, спортските содржини, животната средина – подобрување, кое, како што нагласи, ќе им го олесни секојдневието на скопјани и ќе донесе поголем квалитет на животот. Тој информираше дека веќе се собрани голем број конструктивни предлози, но нагласи дека е отворен процесот и ги повика сите партнерски да се вклучат во создавањето на буџетот, кој, како што наведе, ќе го забрза повторното заживување на градот
Град Скопје и оваа година го започна процесот на креирање на буџетот со максимална транспарентност, отчетност и со вклученост на јавноста.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека потребите, ставовите и идеите на граѓаните ќе бидат основата врз која ќе се гради овој важен документ, а во него ќе бидат опфатени и приоритетните капитални проекти што беа најавени во делот на инфраструктурните зафати, културата, спортските содржини, животната средина – подобрување, кое, како што нагласи, ќе им го олесни секојдневието на скопјани и ќе донесе поголем квалитет на животот.
Токму затоа, според Ѓорѓиевски, годинава Град Скопје го отвора процесот на планирање на буџетот за 2026 година заедно со жителите, невладиниот сектор, бизнис-заедницата и со сите што сакаат да придонесат за подобро, поуредено и пофункционално Скопје.
Како што истакнаа од Град Скопје, со јасна определба да се врати довербата на граѓаните во институциите, буџетот за 2026 година ќе биде изработен преку отворен и партнерски пристап, во кој секој жител, организација или заедница ќе може да даде конструктивен придонес.
– Како град што се стреми кон стабилен развој, модернизација и поефикасни услуги за граѓаните, Скопје го става дијалогот во центарот на сите процеси. Со тоа ја потврдуваме нашата заложба дека буџетот не е само финансиски документ туку и стратегија што се гради врз реалните потреби, предизвиците и визијата за иднината на градот – нагласуваат градските власти.
Ѓорѓиевски информираше дека веќе се собрани голем број конструктивни предлози, но нагласи дека е отворен процесот и ги повика сите партнерски да се вклучат во создавањето на буџетот, кој, како што наведе, ќе го забрза повторното заживување на градот.
– Ова е моментот кога секој може да влијае со конкретна идеја, предлог или со забелешка. Верувам дека токму со ова отворено партнерство ќе создадеме стабилна основа за долгорочен развој и за силно, достоинствено Скопје. Скопје има огромен потенцијал и со заедничка визија и мудро планирање, можеме да го претвориме во град со кој секој ќе се гордее – дециден е Ѓорѓиевски.
Граѓаните можат да ги дадат своите идеи и предлози на и-мејл адресата: [email protected].
(А. П.)












