Дебар Маало и Градски ѕид остануваат главни жаришта на непрописното паркирање, и покрај казните што се изрекуваат. Комуналните инспектори и редари секојдневно ја контролираат состојбата, а ЈП „Паркинзи“ отстрани 117 возила што го попречуваа сообраќајот. Засилените контроли и натаму продолжуваат, но несовесните возачи го игнорираат правилото за паркирање на зелени и јавни површини. Општината апелира до граѓаните да ја почитуваат сообраќајната култура за безбедност на пешаците и за зачувување на јавниот простор

Комуналните инспектори и редари на Општина Центар минатата недела изрекоа 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега само 24 се платени. Засилените контроли продолжуваат, но проблемот со несовесните возачи сè уште е присутен, особено во популарните подрачја на Дебар Маало и Градски ѕид.

Од Општина Центар велат дека се остава известување за прекршок на секое возило што се паркира на тротоар или на зелен простор, а казната изнесува 50 евра. Доколку сопственикот ја плати казната во рок од осум дена, износот се намалува на 25 евра.

– Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите – изјави градоначалникот Горан Герасимовски.

Според податоците на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, во периодот од 9 до 15 февруари 2026 година беа отстранети 117 непрописно паркирани возила што го попречуваа нормалното одвивање на сообраќајот. Специјалните возила „Пајак“ и натаму се активни, а Општината најавува секојдневно отстранување на несовесно паркираните автомобили.

Сепак, и покрај казните и акциите на Општината, граѓаните продолжуваат да го игнорираат правилото за паркирање и јавните површини остануваат загрозени. ЈП ПОЦ предупредува дека трајното решение за сообраќајниот метеж бара поголема сообраќајна култура и дека ќе продолжат контролите сè додека не научат возачите да ги почитуваат законите.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ