Градска слава за зајакнување на традицијата и за враќање на заедништвото

148

Со празнична трпеза, благослови и заедништво, Прилеп и годинава го одбележува Свети Никола – градската слава и куќна слава на половината прилепчани, на кои традиционално им доаѓаат гости од целиот град.

Пред точно 20 години, Свети Никола официјално стана градска слава и заштитник на Прилеп. Иако празнувањето постои од памтивека, во последните две децении, прославата има јасна мисија – зајакнување на традицијата и враќање на заедништвото меѓу луѓето.

А таа традиција во Прилеп е незамислива без малите посни сарми. Токму тие го донесоа градот во Гинисовата книга на рекорди на 19 декември 2008 година. Тогаш беа приготвени 80.191 мала посна сарма – по една за секој прилепчанец. Рекорд што и денес останува симбол на заедништвото.

Јубилејната, 20. прослава на градската слава, се одбележува со посна трпеза, песни и молитви. Повеќе од 40 прилепчанки од четири здруженија – „Мајка традиција“, „Преродба“, „Китка“ и „Орхидеја“ – два дена вредно ги виткаа малите посни сарми, симболот на празникот и на прилепската традиција.

Покрај бабите, сарми виткаа и најмладите, кои учеа од нив, без срам да прашаат и да слушнат совет.

Годинашни домаќини на јубилејната прослава се две прилепски компании, кои велат дека честа е голема, а радоста уште поголема – да ги угостат и прилепчани и сите гости на градот.

Прославата опфаќа утринска литургија, пресекување на славскиот колач пред параклисот во центарот на Прилеп и бројни благослови.

Градоначалникот, Дејан Проданоски, нагласува дека со оваа јубилејна прослава, Прилеп испраќа силна порака.

–Традицијата се враќа преку искуството, а најважно е што со нас се новите генерации. Освен што ја негуваме традицијата, го чуваме и чувството за грижа и меѓусебна почит. Прилеп со оваа прослава даде пример за заедништво – вели Проданоски.

Прилеп со гордост ги негува своите традиционални вредности, а прославата на градската слава, Свети Никола, е еден од најсилните начини тие да се пренесат – како порака за заедништво, толку потребно во времиња на раситнување.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ