Дел од советниците, на денешната седница на Советот на Град Скопје, во однос на ребалансот на буџетот, имаа забелешки за намалувањето на средствата за 37 милиони денари за противпожарна заштита, но и за тоа што се предвидуваат 75.000 евра за да се направи план за чист воздух, кога, како што беше наведено, има мерки кои, како што рече Марјан Калевски, советник од Зелен хуман град, можат да се применат веднаш. Забелешки имаше и за намалување од 44 милиони денари за јавно осветлување, како и за 3,4 милиони денари за изградба на водоснабдителни системи, но, сепак, тој беше изгласан со образложение дека фокусот ќе се стави на буџетот за 2026 година
Средства за реализација на 50 минипаркови во сите општини, за парк кај Лепенец во Карпош. Дополнително е предвидена и реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром, реконструкција на булеварите „Хрватска“ и „АСНОМ“ , довршување на клучката кај Момин Поток, кружен тек кај „Тобако“, кружен тек меѓу улиците „Македонска војска“ и „Ѓорче Петров“ се дел од проектите кои планира да ги реализира скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
Тој, во своето излагање на седницата на Советот на Град Скопје, по ребалансот на буџетот на Град Скопје, кој вчера беше изгласан од советниците, истакна дека се обезбедени и средства за дигитализација на услугите на Град Скопје.
Ѓорѓиевски повторно се пожали дека долгот на Град Скопје е преку 138 милиони евра. Од нив, како што информираше тој, 80 милиони евра се долгови по однос на кредити, а останатите се долгови по извршни решенија, како и тековни долгови. Нагласи и дека долговите на градските јавните претпријатија се близу 180 милиони евра. Само ЈП „Водовод и канализација“ има долг од преку 40 милиони евра.
По однос на амандманите што ги имаа одредени советнички групи, тој замоли да се стрпат бидејќи сите барања ќе бидат разгледувани и земени предвид при креирање на буџетот на Град Скопје за 2026 година, што ќе се случи набрзо.
Дел од советниците имаа забелешки за намалувањето на средствата за 37 милиони денари за противпожарна заштита, но и за тоа што се предвидуваат 75.000 евра за да се направи план за чист воздух, кога, како што беше наведено, има мерки кои, како што рече Марјан Калевски, советник од Зелен хуман град, можат да се применат веднаш. Забелешки имаше и за намалување од 44 милиони денари за јавно осветлување, како и за 3,4 милиони денари за изградба на водоснабдителни системи.
Од советничката група на СДСМ се изјаснија дека ќе го поддржат ребалансот на буџетот бидејќи, како што образложија, се работело за краток период за негова подготовка, а во интерес и потребата да не се продолжи блокадата на јавните претпријатија. Тие додадоа дека нивниот фокус ќе биде насочен кон буџетот на Град Скопје за 2026 година кој нагласија дека треба да биде буџет за реалните потреби на скопјани, а не на партиските интереси.
Познати директорите на четири јавни претпријатија
Четирите јавни претпријатија во град Скопје ќе добијат нови вршители на должноста директор. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги соопшти нивните имиња.
Во јавното претпријатие „Улици и патишта“ за директор ќе биде назначен Борис Настов, кој ја извршуваше оваа функција на почетокот на мандатот на поранешната градоначалничка Данела Арсовска, а во „Водовод и канализација“, Иван Митровски, досегашниот заменик-градоначалник на Општина Кисела Вода.
Како што соопшти Ѓорѓиевски, за директор во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) ќе биде назначено лице кое долги години работи во ова претпријатие, а во „Комунална хигиена“ човек кој долги години работел во комуналниот сектор во Град Скопје.
– Во „Комунална хигиена“ ќе биде поставен директор кој исклучително добро се покажа изминатиот период за време на акцијата 72 часа. Не е актуелниот в. д. директор. Се вика Драги, човек кој долги години работел во комуналниот сектор во Град Скопје, не бил експониран ниту партиски ниту во јавност. Во ЈСП Скопје ќе биде назначен Саше, кој работи долги години во ова претпријатие, има искуство и ги разбира процесите – соопшти Ѓорѓиевски во телевизиско гостување.
Тој негираше дека некогаш кажал дека ќе ги приватизира јавните претпријатија. Вели дека ќе работи на зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија и дека ќе работи на тоа да станат самоодржливи.
Сметките за граѓаните, како што кажа, нема да поскапат.
– Така ветив во кампањата – рече Ѓорѓиевски.
БРТ ќе се имплементира кон средината на наредната година
Кон средината на следната година се очекува во Скопје да почне имплементацијата на проектот БРТ (bus rapid transit).
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вели дека проектот ќе се имплементира, но со одредени исправки, бидејќи недостига трасата од поврзување со Драчево и со Радишани.
Тој најави дека веќе имал состанок со претставници од ЕБОР и ќе треба да се потпишат договорите помеѓу Градот Скопје, Министерството за транспорт и Министерството за финансии, по што ќе се влезе во фаза на реализација.
– Сметам дека некаде во втората половина од следната година би биле подготвени да влеземе со изведба на проектот. Првата фаза е 44 милиони евра и 22 милиони евра се за втората фаза. Првата фаза предвидува обезбедување на трасата, стојалиштата, но и 35 автобуси, така што се надевам дека до средина на следната година ќе почнеме со имплементација. Има сериозни подготовки што треба да следуваат. Треба мостот „Обединети нации“ да се заштити во целиот процес кој не е предвиден во овој дел од финансирањето од ЕБОР, така што имаме доста работа, но почнавме да се екипираме и верувам дека во од ќе ги решаваме сите предизвици кои ќе произлезат – објасни Ѓорѓиевски.
Проектот го промовираше администрацијата на поранешниот градоначалник, Петре Шилегов, со официјално соопштение на ЕБОР во април, 2021 година.
За новогодишно украсување и за новогодишна програма ќе се потрошат 70.000 евра
За новогодишното украсување на Скопје и за новогодишна програма, со ребалансот на буџетот на Град Скопје се предвидени 70.000 евра. На новогодишната ноќ, граѓаните ќе ги забавуваат македонски музички ѕвезди. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, рече дека, годинава, и тој со семејството ќе ја дочека Новата година на плоштадот во Скопје.
(А. П.) Фото: (П. С.)












