Во ресторан на „Мекдоналдс“ покрај езеро, опкружен со планини во центарот на швајцарскиот град Лугано, еден клиент нарачува кафе и прашува дали може да плати со биткоин. Продавачот му подава уред што личи на терминал за картички, но станува збор за машина за плаќање со криптовалути што градската влада ја дистрибуирала бесплатно на локалните трговци, објави Би-Би-Си.
Плаќањето се врши бесконтактно, од дигитален паричник на мобилен телефон, а сметката е 0,00008629 биткоини, што е околу 8,80 долари. Иако повеќето сопственици на биткоини ја гледаат криптовалутата првенствено како инвестиција, ситуацијата е поинаква во Лугано.
Во овој град во италијанското говорно подрачје од Швајцарија, околу 350 продавници и ресторани прифаќаат биткоин за плаќање, додека локалната влада дозволува и плаќање за одредени комунални услуги со криптовалути, вклучително и предучилишно образование.
Николас од Франција за Би-Би-Си, вели дека плаќањето со биткоин му дава чувство на слобода бидејќи не е зависен од традиционалниот финансиски систем и неговите посредници. Лугано, исто така, користи припејд картички кои се купени во швајцарски франци, а потоа се префрлаат во биткоини во дигитален паричник.
Черубино Фрај, сопственик на луксузната продавница за чанти и часовници „Винтиџ Наса“, вели дека прифаќа биткоин бидејќи трошоците за обработка на трансакции се пониски отколку со картичките. Провизиите со биткоин се генерално под еден процент, додека дебитните картички можат да достигнат 1,7 проценти, а кредитните картички до 3,4 проценти. Сепак, тој признава дека плаќањата со биткоин во моментов се случуваат спорадично.
Во 2022 година, градот Лугано, во соработка со крипто платформата Tether, ја започна иницијативата „План Б“, со цел да ги едуцира граѓаните за криптовалутите и да го претвори Лугано во европски центар за биткоин. Директорката на центарот, Мир Липони, рече дека единаесет дена, поради проблеми со банката, била принудена да користи само биткоин и дека во Лугано е можно речиси целосно да се функционира на овој начин, иако сè уште не е можно да се плаќаат сметки за јавен превоз, гориво или енергија.
Сепак, искуствата од други земји предупредуваат на ограничувањата на ваквите проекти. Ел Салвадор го воведе биткоинот како законско средство за плаќање во 2021 година, но се покажа дека граѓаните генерално не го користат во секојдневниот живот. Од друга страна, Љубљана беше прогласена за најпријателски град кон криптовалутите, пред Хонг Конг и Цирих.
Скептици има и во самиот Лугано. Серхио Роси, професор по економија на Универзитетот во Фрибург, предупредува за нестабилноста на биткоинот, ризикот за репутацијата и фактот дека криптовалутите немаат државни гаранции како оние за банкарските депозити. Граѓани како студентката Лусија изразуваат загриженост за поврзаноста помеѓу криптовалутите и криминалот и шпекулациите.
Градоначалникот на Лугано, Микеле Фолети, ги отфрла тврдењата дека градот би можел да стане магнет за криминални пари, нагласувајќи дека традиционалните пари можат да се користат и за легални и за нелегални цели. Тој вели дека доаѓањето на крипто-индустријата веќе имало позитивен ефект, со 110 компании во секторот кои веќе работат во Лугано, пишува Би-Би-Си.












