
Најмалку пет лица загинаа во Њујорк во текот на викендот поради ниски температури и снег, изјави денес градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, додека гувернерката на Њујорк, Кети Хокул, ја оцени снежната бура како најстудената зима во последните години и ја нарече ситуацијата во државата опасна, пренесе „Танјуг“.
„Иако сè уште не ги знаеме причините за смртта, ова е силен потсетник за тоа колку е опасен екстремниот студ и колку се ранливи многу наши сограѓани, особено бездомниците“, рече Мамдани, пренесува „Ен-би-си њуз“.
Тој додаде дека нема индикации дека жртвите биле бездомници.
Градот Њујорк отвори десет „центри за затоплување“ и 126 засолништа за граѓаните, а градоначалникот Мамдани апелираше луѓето да останат во затворен простор и да не патуваат со автомобил.
Во исто време, Хокул ја оцени бурата како „најстудената зима што сме ја виделе со години“ и ја опиша ситуацијата во државата како „брутална, само ледена и опасна“.
Таа додаде дека локалните власти очекуваат најдолг студен бран и најобилни снежни врнежи во последните години, со рекордни температури од минус 34 до минус 49. Хокул, исто така, изјави дека не очекува масовни прекини на електричната енергија, но предупреди на појава на екстремен мраз.
„Едноставно кажано, сè уште не сме завршиле. Ова е само почеток“, нагласи Хокул.
Снег паѓа во Њујорк од раните утрински часови, а се очекува околу 28 сантиметри снежна покривка.
Во северните делови на државата се очекуваат помеѓу 20 и 30 см снег, додека во јужниот дел се очекуваат снежни врнежи помеѓу 30 и 45 см.
Речиси 800.000 домаќинства во Соединетите Американски Држави се без струја, бидејќи огромната зимска бура им се заканува на околу 180 милиони луѓе во вкупно 37 држави, што е повеќе од половина од населението на САД.
Близу 200 милиони луѓе во 37 држави се под зимски предупредувања, додека вонредна состојба е прогласена во 23 држави од југ до североисток, објави преку ноќ NBC News.
Државите најпогодени од бурата се Алабама, Џорџија, Кентаки, Мичиген, Њујорк, Северна Каролина, Охајо, Тенеси, Тексас и Вирџинија.
Само денес се откажани повеќе од 10.000 летови, што е најголем број откажувања на летови од пандемијата на COVID, со најголем број откажувања регистрирани во Шарлот, Северна Каролина и Атланта, додека сите летови на Националниот аеродром „Роналд Реган“ во Вашингтон се откажани.











