Илјадници Палестинци побегнале минатата ноќ од градот Газа, откако израелските воени напади се интензивирале, се наведува во повеќе извештаи.
„Тајмс оф Израел“ оперира со бројка од 20.000 луѓе кои во текот на ноќта го напуштиле главниот град на Појасот Газа. Палестинските власти исто така соопштија дека илјадници луѓе побегнале од разни населби кон југот на територијата, но дека многумина одбиле да си заминат.
Според сведоци, израелските напади врз градот Газа биле особено силни и биле погодени бројни згради. Лекарите соопштија дека од полноќ се убиени најмалку 16 лица. Израелската војска уништила десетици високи станбени згради во градот Газа, обвинувајќи го Хамас дека ги користи како набљудувачки позиции и за поставување експлозив.
Израелската војска соопшти дека деновиве повеќе од 300.000 Палестинци го напуштиле градот и заминале во други делови од појасот. Медиумите под контрола на Хамас во Газа го проценија бројот на евакуирани на приближно 350.000.