Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, во отчетот за првите 100 дена од својот мандат ги претстави големите проекти што ќе го модернизираат градот.

– Ќе следува изградба на булеварот „Љубљанска“, реализација на втората фаза од булеварот „Македонија“, изградба на кружниот тек во Ѓорче Петров, како и изградба на булеварот „Македонско-косовска бригада“. Конечно, по години застој, постигнавме договор за доградување на булеварот „Борис Трајковски“, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани. Овие капитални проекти ќе значат побрзо, побезбедно и поквалитетно секојдневие за сите скопјани – истакна Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека само за првите 100 дена, градот постигнал видливи резултати: намалување на обврските за над 40 милиони евра, стабилизација на платите во јавните претпријатија, отстранување на над 600 фиктивно вработени и организирање на најголемата акција со чистење на над 4.500 тони отпад.

– Го исчистивме коритото на Вардар, им вративме јавни простори на граѓаните, поставивме стотици заштитни столпчиња и отстранивме десетици нелегални објекти. Мора да владее ред, Скопје повторно почна да дише – додаде градоначалникот.

Во секторот образование, се реализира најголемата набавка досега за средните училишта: нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух. Во транспортот, започна модернизацијата на јавниот превоз со нови еколошки автобуси, а во урбаното планирање – изградба на нови булевари, кружни текови, монтажни катни гаражи и лунапарк.

– Ова што го направивме за 100 дена не е случајност. Резултат е на визија, работа и на чесност. Наследивме долгови и хаос, но градиме стабилна иднина, воспоставуваме систем и ред, ги враќаме надежта и достоинството на скопјани. Кога се води градот со срце, а не од личен интерес, резултатите не изостануваат – подвлече Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека неговиот мандат е посветен на суштински и трајни промени.

Тој потсети дека затекол хаос и дека сега има видливи резултати.

– Кога ја презедов одговорноста да го водам Скопје, знаев дека не ме чека лесна задача. Наследивме град на работ на финансиски колапс: празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра. Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните. Но, заедно добивме нешто многу повредно од сè – вашата доверба. И си дадов збор дека нема да биде изневерена таа доверба, дека нема да се криеме зад изговори и нема да покажуваме со прст. Ќе работиме чесно, одговорно докрај. Сто дена подоцна, резултатите се видливи – потенцира Ѓорѓиевски.

Од СДСМ обвинија дека отчетот на скопскиот градоначалник е луксузирање.

– Сопругата на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на партиска промоција се појави со брендирана чанта „Хермес“. Станува збор за еден од најекслкузивните и најскапи бренд чанти во светот. Вакви чанти, Хермес мини Кели 2 (20 см) чинат од 28.000 до 33.000 долари. Само нека не се вадат на тоа е фејк или поклон. Може да биде поклон само од Орце – велат од СДСМ.

Оттаму посочуваат дека “додека работниците едвај врзуваат крај со крај и мора да проестираат по улиците за поголеми, достоинствени плати, ВМРО-ОКГ парадира пред нивните очи“.

– Скопје се дави во ѓубре, автобуси нема, граѓаните со часови чекаат за превоз, се возат во распаднати и небезбедни автобуси. Очигледно за ВМРО-ОКГ нов и поголем авион не оди со стари или евтини чанти. Луксузирање со авиони врз грбот на народот оди со часовници од 60.000 евра и со чанти од 30.000 долари – велат од СДСМ.

 

ИЗДВОЕНИ