Повеќе од 1.100 станбени згради во Киев ќе останат без греење најмалку два месеци во средината на зимата, бидејќи термоцентралата што ги снабдуваше претрпе „критична“ штета во неодамнешниот руски напад, изјави денес градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
„Објектот претрпе критична штета и ќе бидат потребни најмалку два месеци за да се обноват неговите системи и опрема. Градот инсталираше дополнителни грејни точки во училиштата во населбите каде што зградите остануваат без греење“, напиша Кличко на социјалните мрежи.
Во моментов има пет дополнителни точки, поврзани со мобилни грејни единици, каде што е можно да се остане дење и ноќе, додаде градоначалникот на Киев, додека во Абу Даби се одржуваа дводневни разговори меѓу украинските, руските и американските претставници за постигнување мир, пренесе „Бета“.












