
Градоначалникот на Лисабон, Карлос Моедас, одби да поднесе оставка на барање на градските советници поради несреќата со жичницата во која загинаа 16 лица минатата недела, објавува „Политико“, пренесува „Танјуг“.
Неколку советници од опозицијата најавија дека ќе поднесат предлог за недоверба на градоначалникот, велејќи дека тој мора да ја преземе одговорноста за несреќата што се случила, но Моедас го отфрли предлогот за недоверба, објаснувајќи дека тоа е помпезен потег на опозицијата пред локалните избори, кои се одржуваат во Лисабон за помалку од еден месец.
Несреќата на жичницата Глорија се случи на 3 септември кога се скина кабел, предизвикувајќи еден од трамвајските вагони да падне по стрмна падина и да удри во зграда. Во несреќата загинаа 16 лица.
Моедас за „Политико“ изјави дека несреќата не е споредлива со скандалот со претходниот градоначалник на Лисабон, Фернандо Медина, чија оставка тој исто така побара откако беше откриено дека администрацијата на Медина признала во 2021 година дека им ги дала на руските власти личните податоци на најмалку тројца руски дисиденти кои живеат во Лисабон.
Моедас, кој во тоа време се кандидираше како кандидат од централно-десничарската партија на локалните избори за градоначалник, остро го критикуваше Медина, велејќи дека мора да ја преземе одговорноста за скандалот. Моедас објасни дека нема да поднесе оставка од функцијата градоначалник бидејќи Медина има „директна одговорност“ над општинските службеници кои ги споделувале личните податоци на руските дисиденти, додека несреќата со жичницата „не може да се припише на одлуката на градоначалникот“.
Прелиминарниот извештај објавен овој викенд од страна на Португалската управа за безбедност на сообраќајот ја припиша несреќата со жичницата на механички дефект и ја отфрли можноста дека човечка грешка играла улога во трагедијата, но критичарите на градоначалникот на Лисабон велат дека наодите покренуваат сериозни прашања за одржувањето на историската жичница.
По несреќата, вработените во компанијата за јавен превоз во Лисабон, „Карис“, изјавија дека со години изразувале загриженост во врска со одржувањето на жичницата, кое било доверено на приватни компании, иако локалните општински инженери имале поголемо искуство во работата.
Моедас рече дека компаниите што го надгледуваат одржувањето морале „да исполнат многу строги критериуми“ и биле надгледувани од техничари на „Карис“ кои „ги прегледувале и прилагодувале сите планови за одржување според потребниот развој на настаните и променливите околности“.