Турски суд го прифати обвинението против Екрем Имамоглу, кој беше отстранет од функцијата градоначалник на Истанбул и уапсен под обвинение за основање криминална организација и учество во корупција, а првото рочиште е закажано за 9 март 2026 година, објавува денес „Хаберлер“.
Обвинението го прифати 40-тиот Кривичен суд за тешки кривични дела во Истанбул, а се проценува дека судењето ќе трае 4.600 дена, или 12,5 години.
Обвинителството бара затворска казна за Имамоглу од 828 години и два месеци до 2.352 години, за 142 наводни кривични дела, а предмет на обвинението се 142 кривични дела за кои е обвинет.
Покрај Имамоглу, обвинението вклучува уште 402 осомничени, од кои 105 се уапсени.
Имамоглу е обвинет, меѓу другото, за формирање организација за извршување кривични дела, поткуп, перење пари, прикривање докази за кривично дело, перење приноси од криминал и друго, пренесува „Танјуг“.











