Градската каса за наредната година ќе биде побогата за 4,09 проценти од годинешната и ќе тежи 8.272.872.370 денари. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, нагласи дека се обезбедени средства за лунапаркот, за првата фаза од првата подземна сообраќајница кај „Лимак“, како и за кружниот тек во Ѓорче Петров. Општина Центар, пак, во 2026 година ќе располага со 1.217.450.000 денари, а градоначалникот Горан Герасимовски се пофали дека тоа е највисок буџет досега. Тој најави дека се обезбеди средства за изградба на модерен дом за стари лица, на нова детска градинка во близина на клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со капацитет за 100 деца, а во рамките на стратешките инвестиции, пак, се планира изградба на административна зграда, која ќе понуди 300 паркинг-места во Дебар Маало. И Советот на Општина Гази Баба го донесе буџетот за 2026 година, кој, како што кажа градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, претставува сублимат од реалните потреби на граѓаните

 

На крајот од годината, дел од скопските општини веќе ги донесоа буџетите за 2026 година. Вчера се дебатираше и за буџетот на Град Скопје. Со средствата со кои ќе располагаат општините се предвидуваат капитални проекти, меѓу кои: изградба на улици, градинки, училишта, спортски сали, фекални и атмосферски канализации и друго.

Градот Скопје во наредната година ќе располага со буџет од 8.272.872.370 денари, што е за 4,09 проценти повеќе од буџетот за 2025 година. Од нив, 2.500.000.000 денари се предвидуваат за комунални дејности.  За култура се предвидуваат 567.457.000 денари, за спорт и рекреација 27.000.000 денари, за образование 2.896.880.370 денари, за заштита на животната средина 100.160.000 денари, за противпожарна заштита, односно за финансирање на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, за плати, придонеси и други надоместоци од плати за вработените, за набавка на специјални возила, за униформи и друго – 440.000.000 денари. Исто така, за локален економски развој се издвоени 218.240.000 денари, за урбано планирање 29.750.000 денари, за Советот на Град Скопје 76.825.000 денари, за градоначалникот на Град Скопје  3.700.000, додека за градската администрација – 1.316.630.000 денари. 

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, на денешната седница на Советот на Град Скопје, на која се разгледуваше буџетот за 2026 година, посочи дека по наследената катастрофална финансиска и институционална состојба, Скопје сега чекори кон стабилизација, одговорно управување и кон реализација на проекти од суштинско значење за граѓаните.
Тој наведе дека биле наследени 40, додека сега на сметката на Градот има 400 милиони денари.

– За девет месеци се реализирани приходи од 2.856.417.717 денари, што значи просек од само 317.379.746 денари месечно. За само 40 дена реализиравме приходи од 659.493.349 денари, речиси двојно повеќе од кој било месечен резултат во минатото – посочи Ѓорѓиевски.

Воедно, нагласи дека биле наследени презадолжени и девастирани јавни претпријатија и културни установи, хаос во образованието.

Со ребалансот на буџетот, овозможивме сите јавни претпријатија да ги добијат заостанатите плати. Само во ЈП „Паркови и зеленило“, поради законскиот лимит, успеавме да ги исплатиме сите придонеси за платата за ноември и една и пол нето-плата. Покрај речиси 200. милиони денари обезбедени за плати, беа наследени и тековни обврски кон набавувачи, во износ од 330 милиони денари.
Денес тие се намалени на 236 милиони денари – истакна Ѓорѓиевски.
Воедно, нагласи дека се обезбедени средства за лунапаркот, за првата фаза од првата подземна сообраќајница кај „Лимак“, како и за кружниот тек во Ѓорче Петров. Повтори дека е решена експропријацијата кај Момин Поток, дека интензивно продолжува изградбата на таа улица и дека течат преговори за откочување на сите други проекти што биле заглавени од претходните раководства.

Градоначалникот на Општина Центар денеска се пофали дека општинската каса ќе тежи 1.217.450.000 денари (основен буџет) и оти тоа е највисок буџет досега.

– Од вкупниот износ, 527.230.000 денари, односно 43 проценти, се наменети за капитални инвестиции, додека 690.220.000 денари, односно 57 проценти, се планирани за тековни оперативни расходи – рече Герасимовски.

Тој најави дека се обезбеди средства за изградба на модерен дом за стари лица, со услови усогласени со европските стандарди, додека за најмладите се предвидува нова детска градинка во близина на клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со капацитет за 100 деца.
Во рамките на стратешките инвестиции, пак, се планира изградба на административна зграда, која ќе понуди 300 паркинг-места во Дебар Маало.

– Реализацијата на овој проект тежок 380.000.000 денари ќе се одвива фазно, со цел да се обезбеди квалитетна и функционална инфраструктура – објасни Герасимовски.
Тој додаде дека на местото на монтажниот паркинг во Буњаковец е предвидена изградба на нова катна гаража со капацитет за околу 250 возила, како решение за проблемот со недостигот од паркинг-места во тој дел од Центар.

– Во образованието се инвестира и преку изградба на два нови базени во основните училишта „11 Октомври“ и „Димитар Миладинов“.
Како дел од капиталното вложување, Општина Центар значително го зголемува и буџетот за зеленило, на 20.000.000 денари, со цел заштита и унапредување на животната средина во урбани услови – посочи Герасимовски.

Буџетот предвидува и низа активности за уредување на јавниот простор и за подобрување на инфраструктурната мрежа, меѓу кои реконструкција на улицата „Ленинова“, од „Партизанска“ до Градскиот парк, како и реконструкција на повеќе локални улици, уредување на малите плоштади и на потегот од Зеленото пазарче до улицата „Македонија“, поставување пристапни рампи и набавка на нова урбана опрема.

Во делот на локалниот економски развој и дигитализацијата, буџетот на Општина Центар за 2026 година опфаќа мерки насочени кон подобрување на квалитетот на живеење и современо управување со Општината.

– Меѓу нив е и смарт-системот за мерење бучава, ветен во програмата за 2026 година, а реализиран уште на крајот од 2025 година. Поставени се вкупно 30 дигитални уреди на најфреквентните локации со цел континуирано следење на нивото на бучава и враќање на мирот и спокојот на граѓаните – нагласи Герасимовски.

Тој најави дека наредната година ќе биде воведена центарска картичка, со која жителите ќе добиваат попуст за одредени производи и услуги, потоа ќе се догради ГИС-порталот во мобилна апликација, ќе се активира уште една бесплатна вај-фај зона на „Боемска“, ќе продолжи поддршката за НЕЕТ-младите и ќе започне меѓународен проект финансиран од Европската комисија, во соработка со АЛДА.
– Од септември 2026 година, сите ученици во целодневната настава ќе добиваат оброк на трошок на Општината, а обезбедени се средства и за бесплатни екскурзии, преку проектот „Ја сакам Македонија“ – рече Герасимовски.

Додаде дека е зголемен буџетот за образование од 51.000.000 денари во 2025 година на 72.840.000 денари во 2026 година, а двојно е зголемен и буџетот за култура, кој, покрај средствата за веќе етаблираните проекти како „Центарска симфонија“, „Нешто што ќе остане“, „Вечер под ѕвездите“ и „Мурали и графити“, воведува и нови културни содржини како детскиот фестивал „Детелинка“, „Звукот на иднината“ и „7/8 центарски такт“.

И Советот на Општина Гази Баба го донесе буџетот за 2026 година, кој, како што кажа градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, претставува сублимат на реалните потреби на граѓаните.

Во 2026 година се определени средства за изградба и санација на паркинг-простори, тротоари, плоштади и пешачки патеки, за ревитализација и рехабилитација на локални улици. Предвидени се средства и за изградба на последната фаза од фекалната канализација во Јурумлери, за изградба на фекална канализација во Идризово, за доградување на фекалната канализација во Гоце Делчев и Чукур Маало во Трубарево, како и за изградба на атмосферска канализација на улиците „Гемиџиска“ и „Филип Филиповиќ“ во Железара.  Воедно, ќе се доградат: училишната зграда на ООУ „Крсте Мисирков“ во Ченто, детската градинка во Инџиково, спортската сала во Црешево и ООУ „Крум Тошев“ во Трубарево, како и детската градинка меѓу Маџари и Ќерамидница. Ќе се градат нова детска градинка во Сингелиќ, детски забавни катчиња и спортски терени, а ќе се заврши и изградбата на Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ