Нов мастер-план за развој на Чаир, но и футуристички град зад кој ќе стојат двајца светски познати архитекти од Турција и од Мексико се две ветувања кои веќе сега ги најавуваат главните претенденти за градоначалничката функција, вицепремиерот Изет Меџити и ексминистерот Бујар Османи. Во објавите на социјални мрежи, Меџити и Османи најавуваат дека архитектите што ќе ги вклучат во своите тимови ќе го сменат изгледот на една од најгусто населените општини во Европа. Со ова, изборната трка во Чаир добива нова димензија.
Актуелниот вицепремиер Изет Меџити од коалицијата „Вреди“, на социјалните мрежи објави дека во својот тим го вклучил урбанистот Бајрам Вардар, скопјанец кој оставил силен белег врз турските мегаполиси Истанбул и Бурса. Вардар бил дел од тимот на Реџеп Таип Ердоган во периодот кога тој го водеше Истанбул, а подоцна ја извршуваше функцијата главен урбанист на Бурса.
– Бајрам Вардар, светски познат архитект, ќе го изработи планот за развој на Чаир. Тој ќе се креира во консултација со жителите и ќе има конкретна стратегија за имплементација. Се работи за новиот концепт за урбан развој на Општина Чаир – најави Меџити.
Бајрам Вардар по потекло е Албанец од Скопје и во видеоразговорот со Меџити рече дека како и во Истанбул или Бурса, предизвиците и во Чаир се слични.
– Ние сме биле и во Барселона, и тој град претрпе реновирање. Ќе изработиме мастер-план за Чаир, заедно со граѓаните и додатно ќе изработиме план за имплементација. Потоа ќе ги развиеме и столбовите на овој мастер-план – нагласи Вардар.
Но, и од таборот на Бујар Османи, кандидат предложен од опозициската коалиција предводена од ДУИ, најавија ангажирање на познат архитект од Мексико – Мичел Ројкинд. Во најавата на својот профил на „Фејсбук“, Османи наведе дека Ројкин, роден во Мексико, е архитект кој списанието „Форбс“ го рангирало меѓу десетте најиновативни во светот. Проектот што го направи глобално познат беше Музејот на чоколадо „Нестле“ (2007) во близина на Толука, футуристичка структура која освои меѓународни награди. Подоцна во Мексико направил и проект за Национален филмски центар на Мексико, современ урбан пазар, како и повеќе станбени проекти.
– Ројкинд се смета за еден од најважните гласови во модерната архитектура. Тој го носи ова глобално искуство во Општина Чаир, помагајќи во формирањето на нова визија за својата иднина. Неговиот фокус е создавање поподобен, инклузивен и футуристички град – нагласи Бујар Османи.
Тој денеска прошета по чаирските улици и населби заедно со мексиканскиот архитект, по што соопшти дека Чаир ќе добие долгорочен план за урбанизација при што клучните точки за подобрување се јавен простор, пристапност, естетика и функционалност.
Познато е, со вкупно население од 62.586 жители на само 3,52 квадратни километри, општина Чаир е една од најгусто населените општини во Европа. На еден квадратен километар живеат 17.780 жители, а најгусто населена европска општина е Левалиос – Пере која е во централен дел од Париз и има густина од 27.400 жители на еден квадратен километар. Во изминативе недели врзано со општина Чаир се актуализираше и проблемот со бројни дивоградби откако скопската градоначалничка Данела Арсовска истапи со тврдење дека има преку 150 нелегално подигнати згради.
Учесниците на изборите во земјава досега ангажираа разни експерти од странство, но најмногу за медиумски настапи и економски прашања. Досега, не се забележани вакви случаи на ангажирање на странски експерти за архитектура и урбанизам.
Инаку, Градот Скопје сè уште не го донел новиот Генерален урбанистички план со важност од 2022 – 2032 година. Во изминатиов период по неколку скопски општини се одржани јавни дискусии за просторот во урбаниот опфат на Генералниот урбанистички план на град Скопје. Но, останува неизвесно кога би можело да се очекува носењето на новиот ГУП од страна на Советот на Град Скопје бидејќи во октомври треба да се избираат нови членови на оваа тело. Тоа значи дека сè уште не се познати и главните урбанистички решенија кои ќе ги предвиди новиот ГУП во однос на општина Чаир. (Б.Ѓ.)