вторник, јануари 27, 2026
Дома МАГАЗИН Градоначалничката на Париз ги откри имињата на 72 научнички чии имиња ќе...

Градоначалничката на Париз ги откри имињата на 72 научнички чии имиња ќе бидат врежани на Ајфеловата кула

19

Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, ги откри имињата на 72 научнички кои ќе бидат додадени на списокот од 72 научници врежани на првиот кат од Ајфеловата кула пред повеќе од 130 години, објавија француските медиуми.

Списокот опфаќа речиси 250 години историја и ги вклучува имињата на Анжелик де Кудре, акушерка од 18 век, до неодамна починати научнички, објасни Изабел Воглен, претседателка на здружението „Жени и наука“, објави „Ле Фигаро“.

Градоначалничката на француската престолнина му го довери составувањето на списокот на ова здружение.

Овие имиња сега мора да бидат доставени до Академиите за наука, технологија и медицина за нивно мислење пред конечното одобрување.

Градоначалничката од редовите на Социјалистите не одреди датум за спроведување на овој проект.

Кога кулата била изградена во 1889 година, инженерот Густав Ајфел имал намера таа да биде „пантеон на науката“ и на големиот фриз на првиот кат ги врежал имињата на 72 од најголемите француски научници кои оставиле свој белег во историјата од Француската револуција.

Меѓу нив беа хемичарите Лавоазје и Шаптал, астрономите Араго и Лаплас, натуралистот Кивје и пронаоѓачот на фотографијата Дагер, но таму не се најде ниту едно женско име, иако во тоа време работата на жените научници, како што е математичарката Софи Жермен, веќе беше добро позната, потсетува Фигаро.

ИЗДВОЕНИ