Во детската градинка „Гоце Делчев“, во Општина Илинден, во моментов се одвиваат градежни активности за изградба на нова централна кујна, а набавени се и четири прочистувачи за воздух, сместени во заедничките простории, како и реквизити наменети за подобрување на моторниот развој кај децата.
Проектот за изградба на нова современа кујна, со површина од 150 квадратни метри, претставува значаен чекор кон подобрување на грижата за децата во Општината.
Од Општина Илинден информираат дека новата кујна ќе биде усогласена со највисоките хигиенски и технички стандарди и ќе има капацитет за подготовка на повеќе од 600 оброци дневно. Освен за потребите на градинката, ќе се доставуваат оброци и до основните училишта во Општината каде што има продолжен дневен престој.
Паралелно, со оваа инвестиција, Општината отвора нов простор за згрижување деца, така што старата кујна ќе се пренамени во две нови занимални, со што ќе се зголеми капацитетот на градинката за уште 50 дечиња и таа ќе може да згрижи вкупно 650 деца.
– Оваа иницијатива е дел од пошироката стратегија на Општина Илинден за поддршка на раниот детски развој и за унапредување на воспитно-образовниот процес. Во изминатиот период, Општината вложи значајни средства за обнова и проширување на градинката. Беше извршена доградба во вкупна површина од 300 квадратни метри, се реконструираше покривот, партерно и хортикултурно беше уреден дворот со нови детски реквизити, а, исто така, беше набавена и нова детска опрема – соопштија од Општина Илинден.