Тие се жалат дека се оштетени нивните автомобили и дека нема каде да ги паркираат, па затоа се во постојана меѓусебна кавга кој каде да го паркира своето возило. За овој неподнослив проблем, тие писмено ја известиле Општина Центар, од која бараат да им обезбеди паркинг во катните гаражи. Од Општина Центар велат дека, по контролата на инспекциските служби, не е констатирано прекршување на прописите, освен присуство на железо, поставено надвор од дозволената градежна парцела кај едно од градилиштата, за што е издадена усна опомена, со барање материјалот веднаш да се врати во границите на парцелата, што било и сторено. Општина Карпош е единствената што донесе правилник за справување со овој проблем и со него се одредуваат построги мерки за оние што ги претвораат куќите во згради

 

Жителите од населбата Буњаковец што живеат на улицата „20 Октомври“, во строгиот центар на градот, имаат сериозен проблем во овие летни горештини. Тие секојдневно се душат во прав и се принудени да ја трпат бучавата од камионите уште рано наутро, бидејќи има две градилишта на оваа улица.

Тие се жалат дека се оштетени нивните автомобили и дека нема каде да ги паркираат, па затоа се и во постојана меѓусебна кавга кој каде да го паркира  своето возило. За овој неподнослив проблем, тие писмено ја известиле Општина Центар, од која бараат да им обезбеди паркинг во катните гаражи.

-Улицата е слепа, овде е единствениот влез/излез. Како ни е кога брзаме за на работа или за да помине Брза помош или пожарна овде – сте размислувале ли? Дали размислува некој и се грижи за нас, жителите, кои ги имаме скапо платено овие станови – прашуваат тие.

Градилиштата во Дебар Маало и во Буњаковец, според нив, годинава не се добројуваат, а живеењето, како што велат, станало мачно.

Центарци велат дека иста состојба и хаос има и на улиците „Васил Стефановски“ и „Петар Поп Арсов“ и прашуваат до кога вака.

Од Општина Центар велат дека, по добиената реакција од жителите на улицата „20 Октомври“, инспекциските служби на Општина Центар излегле на терен и извршиле надзор на градилиштата на оваа локација.

– При контролата, не е констатирано прекршување на прописите, освен присуство на железо, поставено надвор од дозволената градежна парцела кај едно од градилиштата. На самото место е издадена усна опомена, со барање материјалот веднаш да се врати во границите на парцелата, што е и сторено – одговорија од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека за работното време на градилиштата и за можните прекршувања во таа насока, надлежен е Државниот инспекторат за труд, а за проблемите со блокирањето на сообраќајот е надлежна сообраќајната полиција.

Општина Карпош е единствената што донесе правилник за справување со овој проблем и со него се одредуваат построги мерки за оние што градат згради, меѓу кои: најстрого се забранува користење на тротоарите и на коловозите за одлагање градежен материјал, особено на извршување армирачки работи на тротоарите и на коловозот. При тоа, целокупната арматура што се става на плочите, столбовите и на цирклажите мора да биде подготвена во армирачки погон и да биде монтирана во еден ден. Тоа значи донесување на материјалот, истовар и монтажа во еден ден, за што се должни да обезбедат посебно одобрение од сообраќајната полиција дека тој ден на дел од улицата ќе извршат истовар на материјал и дека тој до 20:00 часот ќе биде отстранет од тротоарот и од коловозот. Воедно, во неделите и на државни празник најстрого се забрануваат градежни работи, додека во саботите градежните активности не смеат да почнат пред 8:00 часот и мора да завршат до 16:00 часот“.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, информираше дека непочитувањето на одредбите од овој правилник ќе повлече неодобрување градежни дозволи, а непочитувањето на одредбите од него, при изведба на објектот, ќе резултира со затворање на градилиштата. Одредбите од овој правилник се однесуваат за градбита А1, односно индивидуалните објекти, кои масовно се претвораат во колективно домување и за кои, при изведбата, како што кажа Јакимовски, има огромни поплаки од граѓаните, бидејќи сè им е подредено на изведувачите на објектите, а безбедноста, мирот, спокојноста и сигурноста на соседите се целосно маргинализирани.

Засилени инспекциски контроли на градилиштата беше една од мерките при енормното загадување на воздухот, бидејќи тие се посочени како едни од потенцијалните загадувачи.

Инаку, според Законот за јавна чистота, забранет е превоз на песок, земја, цемент, глина, земјоделско ѓубре, сено, отпад или слични материјали без претходна подготовка и поклопување на материјалите со поклопец – вклучување во сообраќај на моторни, влечни и на запрежни возила од стоваришта или градилишта со валкани тркала.

Според тој Закон, ќе му се изрече глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра во денарска противвредност за прекршок на правното лице ако постапува спротивно  на забраната, а ќе му се изрече глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност за прекршокот и на одговорното лице во правното лице.

Според член 82 од Законот за градење, пред почетокот на изведувањето на земјените работи на градежната парцела, инвеститорот е должен да обезбеди обележување на проектираната градба на терен со соодветни знаци од страна на трговец поединец, односно трговско друштво за геодетски работи што изготвува геодетски елаборат за обележување на проектираната градба.

Во членот 83 од тој Закон е пропишано дека изведувачот е должен да го загради градилиштето заради спречување неконтролиран пристап во градилиштето со соодветна ограда на начин што работата во градилиштето нема да ги загрози минувачите. На градилиштето што се протега на поголем простор (железнички пруги, патишта, далноводи и слично), деловите од него што не може да се оградат, мора да бидат заштитени со одредени сообраќајни знаци или означени на друг начин. Исто така, градилиштето мора да биде означено со информативна табла, која задолжително треба да содржи име, односно назив на учесниците во изградбата, назив и вид на градбата што се гради, надлежниот орган од членот 58 на овој Закон, број и датум на издаденото одобрение за градење, како и назнака дека се работи за заштитено недвижно културно наследство согласно со закон ако е запишана таа градба во Националниот регистар на културно наследство.

Воедно, во член 84 се наведува дека изведувачот е должен при привремено зафаќање на соседното, односно околното земјиште за потребите на градилиштето, да постапува согласно со закон. За привремено зафаќање јавни сообраќајни површини за потребите на градилиштето, изведувачот е должен да прибави акт од надлежен орган согласно со закон.

Глоба во износ од 5.000 до 6.000 евра во денарска противвредност, според Законот за градење, ќе му се изрече за прекршок на правното лице инвеститор ако за градбите од прва категорија не преземе мерки за обезбедување (членови 82 и 83). Глоба во висина од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот и на одговорното лице во правното лице, додека глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот и на физичко лице инвеститор.

Глоба во износ од 5.000 до 7.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице  инвеститор ако не обезбеди обележување на проектираната градба на терен согласно со членот 82 на овој Закон, додека глоба во висина од 450 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот и на одговорното лице во правното лице. Глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот и на физичкото лице инвеститор.

Постојат закони со кои е уредено и пропишано ова, но и казни со кои се санкционира непочитувањето.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ