Скопје се соочува со сè почести случаи на нестабилни ископи покрај градилиштата, каде што инвеститорите ја „заграбуваат“ секоја педа слободен простор. Такви примери можат да се забележат на улица „Ленинова“, во централниот дел на градот, но и на други места каде што пешаците минуваат опасно близу до активни ископи и тешка механизација, што создава ризици за минувачите и возилата. Во Реонскиот центар во Општина Аеродром станари реагираат дека нивните паркинзи се загрозени од градилиштето, а инспекциските служби веќе изрекле мерки за стабилизирање на теренот

Во Скопје сè почесто се забележува практика каде што оградите на градилиштата се поставени веднаш до јавните површини – улица или тротоар, а инвеститорите ја заграбуваат секоја слободна педа земја за своите проекти, без да се внимава на безбедноста и јавниот простор. Такви примери можат да се забележат на улица „Ленинова“, во централниот дел на градот, но и на други места каде што пешаците минуваат опасно близу до активни ископи и тешка механизација, што создава ризици за минувачите и возилата.
Слични проблеми со нестабилност на земјиштето поради градежни ископи веќе се регистрирани во Скопје. На пример, дел од улицата „9 Мај“ зад Универзална сала се одрони и пропадна во градилиштето за нова зграда, што доведе до казни за инвеститорот и изведувачите поради непочитување на безбедносните и градежните стандарди.
Деновиве, станари од зграда во Реонски центар, Општина Аеродром, каде што фирмата „Лидл“ веќе неколку месеци го гради својот објект, реагираат дека инвеститорот, иако го обезбедил градилиштето и има поставено лимена ограда веднаш до нивниот паркинг-простор каде што со години си ги паркираат своите возила, земјиштето се лизга и земјата континуирано пропаѓа во ископот – провалијата.
– Ни се уништува паркингот и не смееме да паркираме до оградата. По наша пријава, инспектори од Општина Аеродром дојдоа и поставија лист на кој пишува ЗАТВОРЕНО ОД ГРАДЕЖНА ИНСПЕКЦИЈА, заедно со знак за опасност. Не знаеме дали предупредувањето е наменето за нас, станарите, или, пак, за инвеститорот – прашуваат тие загрижени за настаната состојба.
Весникот ВЕЧЕР побара информација од Општина Аеродром за тоа што констатирала општинската инспекторка која направила надзор на изградбата на објектот за што има залепено известување на лимената ограда на градилиштето.

– На ден 13.02.2026 година е извршен вонреден инспекциски надзор на изградба на објектот, а по претходна претставка од станарите од соседната парцела. На самото место е констатирано локално обрушување на јужната страна од ископот поради што е нарушена статичката стабилност на ископот и опасност од обрушување на паркингот кој се користи од страна на станарите – ни одговорија од Општина Аеродром.
Член 132 од Законот за градење предвидува, кога утврдените неправилности и недостатоци можат да предизвикаат или предизвикуваат непосредна опасност по животот и здравјето на луѓето или финансиска штета или штета по имотот од поголема вредност, инспекторот со решение изрекува мерка за прекин со градежни активности, затворање на градилиште, означување на градба како опасна и го задолжува субјектот на надзор веднаш да преземе мерки за отстранување на неправилностите.
– Согласно со тоа, изведувачот на работите е задолжен веднаш, а најдоцна во рок од 5 дена, да ги отстрани недостатоците и да ја стабилизира јужната страна на ископот со што паркингот на станарите би се ставил во функција – соопштија од Општина Аеродром.
Весникот ВЕЧЕР побара став и од компанијата „Лидл Северна Македонија“, која го гради објектот во Реонскиот центар. Оттаму ни одговорија дека „’Лидл’ континуирано ги применува највисоките меѓународни стандарди во градежните процеси, при што безбедноста на граѓаните е наш апсолутен приоритет и ова правило важи без исклучок во сите 31 земји каде што компанијата работи“.
– За време на изградбата на маркетот во Општина Аеродром, „Лидл Северна Македонија“ дејствува во целосна согласност со важечките законски прописи, издадените градежни дозволи и сите пропишани стандарди за безбедност и заштита. Градежните активности се одвиваат исклучиво во границите на парцелата во сопственост на „Лидл Северна Македонија“. Градилиштето не навлегува во туѓ имот, ниту, пак, го одзема приватниот простор на други лица – нагласуваат оттаму.
Велат дека целосно ја разбираат загриженоста на станарите на зградата – нивни соседи и велат дека покрај градежните активности, спроведуваат континуирано стручно следење на стабилноста на околниот терен.
– Нашите технички тимови остануваат подготвени да спроведат дополнителни мерки за зајакнување доколку е потребно, обезбедувајќи ги мирот и безбедноста на локалните жители. Би сакале да нагласиме дека инспекциските служби имаат непречен пристап до градилиштето и сите препораки или упатства од нив постојано се почитуваат и спроведуваат. „Лидл“ не е само инвеститор, туку иден сосед. Веруваме дека преку транспарентност и професионализам, ќе ги надминеме моменталните проблеми и ќе продолжиме да бидеме значаен дел од заедницата на Аеродром, обезбедувајќи безбедност и квалитет во секоја фаза – нагласуваат од компанијата „Лидл“.
(С. Бл.)












