Градежништвото во минатата година порасна за 21 % и беше главен двигател на економскиот раст на државата, кој само во третиот квартал изнесуваше 3,8 %.
– Градежништвото, она што е дел од секторот што го водам јас, порасна со 21 %, што е историски највисок во државата, градежништвото никогаш не било толку високо. Годината беше успешна ако видиме дека расте економијата – вели вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Растот на градежништвото го „билдаат“ инвестициите во изградба на автопатиштата. Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од темпото на работа и очекува за Илинден или за Денот на независноста делницата од автопатот Кичево – Охрид (од кичевски Извор до Охрид) целосно да биде пуштена во употреба.
– Од Букојчани до Кичево тендерот е завршен, се прави евалуација на понудите, ставен е на брза лента и очекувам и тука да имаме напредок. На сите оние проекти што ги гради „Бехтел и Енка“ на коридорите 8 и 10-д, веќе околу 90 % од трасите се со расчистени имотноправни односи. Веќе се исплатени околу половина милијарда евра за тие проекти. Така што, сигурен сум дека се движиме во добра насока – вели Мицкоски.












