Градежниот сектор, посебно инфраструктурниот, е еден од клучните двигатели за економски раст на државата и за привлекување на странски и домашни инвестиции. Со раст од 7,1 процент градежниот сектор го билда БДП-то на државата, а Владата активно работи на создавање на поволен деловен амбиент.
– Изградбата и модернизацијата на патната инфраструктура во Македонија е во полн замав и дека и покрај тоа што ги завршивме отпочнатите проекти во делот на експресните патишта со забрзано темпо работиме и на сите останатите проекти предвидени во Годишната програма за 2025 година. Тоа ни е многу важно, бидејќи цениме дека нашата стратешка предност е тоа што сме природна раскрсница на два многу значајни коридори, тоа се коридорот 8 и коридорот 10. Затоа потребни ни се модерни патишта, брзи железници, подобрени јавни услуги и дигитална поврзаност. Тоа е многу важно затоа што имам чувство дека во минатото многу малку се внимавало во изградбата на инфраструктурата и на нејзиното одржување што не става во редот на не многу добро патно поврзани со регионите околу нас – истакна директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски на Италијанско-македонскиот форум што се одржа во Скопје.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска вели дека економијата на државата за една година порасна за 3%, а доколку позитивното расположение продолжи, тогаш стапката на раст на БДП би можела да биде и над 3%. Според неа, ова е голем предизвик за Владата да ја стабилизира економијата, со оглед на тоа дека во целокупниот 7-годишен период на владеење на СДСМ просечна стапка на раст на БДП беше околу 1,6%.
– Ако се вратиме наназад кога го подготвувавме ребалансот на буџетот, нашите проекции беа дека стапката на раст за 2024 година ќе биде 2,1%, а завршивме со 2,8%. Имаше причина зошто е тоа така. За првиот квартал за 2024 година растот беше 1,9% и тоа е еден период пред распишување на избори, кој беше комплетно одговорност на претходната влада и кој самиот по себе покажуваше дека навистина ништо не работат. Вториот квартал им беше нешто подобар. Третиот квартал, со преземањето на власта, веќе БДП забележуваше повисоки стапки на раст, за да првиот квартал од 2025 го завршиме со 3% односно 3,2% доколку го исклучиме сезонскиот карактер. Клучен е моментот зошто го напоменувам сезонскиот карактер, затоа што кога ќе го исклучите сезонскиот карактер кој во дадени моменти заради сезоната влијае, ние имаме дури и повисок раст односно 3,2%, што укажува веќе три квартали по ред стабилна состојба – вели министерката.
Таа укажува дека приватниот сектор и верува на Владата и како резултат на тоа се инвестира, со што растот на бруто домашните инвестиции е двоцифрен.
– Очигледно е дека довербата на приватниот сектор кон Влада е огромен, како резултат на тоа се инвестира. Растот на бруто домашните инвестициите е веќе двоцифрен, а тоа резултат и на позитивната економска клима која владее меѓу приватниот сектор. Дополнително на тоа имаме и поддршка којашто ја дадовме во форма на кредити со ниски каматни стапки, а во исто време оние 250 милиони евра проекти годинава и минатата година околу 75 милиони евра. И сето тоа направи на некој начин да има поголем оптимизам во приватниот сектор – кажа министерката.
Димитриеска Кочоска го напомена дека втор месец по ред има позитивен раст на индустриското производство. Таа додаде дека после 7 квартали се забележува позитива кај извозот.
– Втор месец по ред имаме позитивен раст на индустриското производство, нешто кое со месеци наназад беше во негатива или позитивна нула. Сега имаме јас би рекла и висока стапка на индустриското производство. Исто така и извозот, после седум квартали во континуитет негатива се забележува позитива – потенцираше таа.
Министерката на крај порача дека сите овие индикатори укажуваат има позитивно расположение во економијата и тоа доведува до стапка на раст на БДП од над 3%.
– Сите овие индикатори сами по себе кога ќе ги гледате укажуваат дека имаме едно позитивно расположение во економијата којашто на крајот го дава овој резултат кој што го имаме, стапка на раст од над 3%. Очекувам веќе во вториот квартал да биде стапката на раст и повисока. Значи сигурно некако ја зацврстуваме онаа проекција од 3,7% раст на БДП за оваа година во однос на претходната – додаде Димитриеска Кочоска.
(С.Бл.)