Градежен бум во Јегуновце

18

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ја посети Општина Јегуновце, каде што заедно со градоначалникот Димитар Костадиноски изврши увид во неколку инфраструктурни проекти. Тие ги посетија новоизградената градинка во Вратница, стадионот и центарот на Јегуновце и на крајот – мегапаркот во изградба во Сиричино.

– Градинката во Вратница ја отворивме пред три месеци и можам да кажам дека Општина Јегуновце е една од општините каде што нема листа на чекање за деца во градинка. Имаме изградба на атмосферска канализација, заедно со тротоар и канделабри во населеното место Јегуновце, со што сега центарот на Општината е на ниво што го заслужуваат и самите граѓани на Јегуновце. Го посетиме и фудбалското игралиште, каде што пред три години ја отворивме фудбалската школа заедно со наставниците, ја реновираме и соблекувалната, децата да имаат подобри услови за спорт и рекреација – изјави Костадиноски.

Во Сиричино, пак, се уредува простор што треба да се оформи во парк со површина 12.500 квадратни метри, со поплочена патека за движење, со вкупна должина од 780 метри, кој ќе биде ограден, со можност за влегување од четири места. Покрај зеленилото, предвидено е да се насадат и над 300 дрвја.

Премиерот Мицкоски рече дека тоа што го виделе во Општина Јегуновце е импресивно.

– Во периодот што следува ќе имаме и дополнително проекти, кои ќе бидат финансирани од буџетот на државата, но истовремено и од буџетот на Општината. Очекувам да продолжи овој градежен бум, со што ќе се подобрат условите за живот, ќе се поткренат нивото и стандардот на граѓаните – рече Мицкоски.

Тој истакна и дека очекува Костадиноски, кој е предложен за градоначалник на изборите, да добие нов, четиригодишен мандат и дека ќе бидат реализирани и други проекти.

ИЗДВОЕНИ