Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува и дека лани вредноста на општинските тендери пораснала за 16 %, односно за 26 милиони евра. Општините просечно трошат на тендери по 28 % од своите буџети

Лани, 80, општини и Градот Скопје потрошиле 190 милиони евра на јавни набавки. Притоа, склучиле вкупно 4.006 договори за јавни набавки. Најголем скок во вредноста на тендерите имаат скопските општини Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода. Град Скопје првпат го загуби приматот и со годишен пад на вредноста на тендерите од 11,5 милиони евра, се наоѓа на шестото место.

Ова го покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето покажува и дека лани вредноста на општинските тендери пораснала за 16 %, односно за 26 милиони евра. Општините просечно трошат на тендери по 28 % од своите буџети.

Најголемо зголемување на вредноста на јавните набавки во 2024 година има кај Општина Гази Баба, и тоа околу 5,7 милиони евра. Веднаш по неа е Општина Аеродром со годишно зголемување од 5,4 милиони евра, па Општина Кисела Вода со 4,9 милиони евра.

Следуваат општините Битола, Ѓорче Петров и Штип со зголемена вредност на јавните набавки за околу 3 милиони евра, па Струмица со 2,8, Велес со 2,2 милиона евра и Охрид со 2 милиона евра.

Околу милион и пол евра зголемена вредност на јавните набавки имаат општините Кавадарци, Илинден и Арачиново. Општините Крива Паланка и Виница имаат зголемување од околу милион евра, додека кај другите 38 општини, вредноста на јавните набавки во 2024 година е зголемена за помалку од милион евра.

Спротивно на трендот, вредноста на  јавните набавки на Град Скопје лани била намалена за 2,5 пати, односно за 11,5 милиони евра.

Намалување на вредноста на има и општината Центар, со пад од 2,2 милиона евра, потоа Радовиш со намалување од 2 милиона евра, Тетово со 1,5 и Општина Карпош со пад од околу милион евра.

Сепак, вредноста на јавните набавки на скопските општини и на Градот Скопје во 2024 изнесувала 30 % од вкупните набавки на сите 80 единици на локалната самоуправа и на Градот Скопје.

Најмногу од општините потрошиле на јавни набавки по повеќе од 2 милиона евра – вкупно 29 општини, помеѓу еден и два милиона евра вредни јавни набавки имаат 21 општина, потоа 18 општини со вредност на јавните набавки помеѓу половина и еден милион евра, а 12 општини имаат договори за јавни набавки во вредност од 200.000 до 500.000 евра.

Вредноста на јавни набавки по жител изнесува од 14 до 675 евра, најмногу потрошил Дојран, 675 евра, а најмалку Градот Скопје, само 14 евра.

Општините склучиле договори за јавни набавки со 1.210 фирми. Дури една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми.

На врвот според вкупната вредност на договорите е ЕДС („Енерџи деливери солушнс“), со вредност на договорите од  околу 8 милиони евра. Оваа компанија, во последните две години, има склучено 42 договори со 38 општини и со Градот Скопје.

На второ место е компанијата „Фабрика Карпош“ од Скопје со 10 склучени договори во вредност од околу 5,9 милиони евра. Станува збор за договори склучени за санација на улици, изградба на фискултурна сала, детска градинка и сл.

На трето место е „Џовани компани“ од  Ново Село. Општините склучиле вкупно 10 договори со оваа фирма, во вредност од 5,5 милиони евра. Седум од договорите се со Општина Босилово и три со Општина Струмица.

Кај дури 13 општини, една фирма има удел во набавките на општината повеќе од 50 %.

Локални самоуправи во кои само една фирма има добиено половина од вкупните набавки на општината за 2024 година се: Желино, Дојран, Врапчиште, Струмица, Бутел, Крушево, Старо Нагоричане, Зелениково, Липково, Могила, Арачиново, Босилово и Виница.

 

 

ИЗДВОЕНИ