Според советничката група на Левица, целта за формирање енергетско претпријатие „Енергија Скопје“ е Градот Скопје, конечно, да ја намали зависноста од скапото купување електрична енергија и да обезбеди сопствено производство од обновливи извори. Град Скопје и претходно имаше слично претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас, друштвото за енергетски дејности „Градски енергетски системи“ АД Скопје (ГЕС), кое беше формирано на 21 јуни 2018 година. Тогаш од Градот образложија дека со формирањето на ова претпријатие се создаваат услови за преземање на топловодната мрежа. Летото 2019 година, со одлука на Владата, на Градот Скопје му беше дадена на трајно користење дистрибутивната топловодна мрежа. Ова претпријатие чекаше Владата да ѝ ги одземе лиценците за вршење дејност на „Балкан енерџи груп“, но не се случи тоа. Со тоа, претпријатието практично и не профункционира
Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје поднесе иницијатива за формирање градско енергетско претпријатие „Енергија Скопје“ ДООЕЛ, чија цел е Градот Скопје, конечно, да ја намали зависноста од скапото купување електрична енергија и да обезбеди сопствено производство од обновливи извори.
– Градот Скопје и јавните претпријатија во моментов плаќаат огромни износи за струја. Наместо да се трошат средствата за комунални услуги, инфраструктура и за подобар јавен превоз, тие завршуваат кај надворешни снабдувачи. Со ова решение, Градот ќе може сам да произведува дел од потребната електрична енергија, да ги снабдува своите институции по минимални цени и да го продава вишокот на пазарот, со што ќе обезбеди нови приходи – нагласуваат од Левица.
Тие додаваат дека станува збор за стратешки проект што обезбедува долгорочна стабилност и независност, а за не краткорочна мерка.
– Градот има огромен неискористен потенцијал, покриви, објекти и локации каде што може да се развијат фотоволтаични централи и системи за складирање енергија – сметаат од Левица.
Очекуваат мнозинството во Советот, предводено од ВМРО–ДПМНЕ, да ја поддржи иницијативата ако, како што велат, навистина му е приоритет јавниот интерес.
– Ова не е партиска идеја, ова е решение што му користи на целиот град. Одбивањето на оваа иницијатива би значело дека некој го става политичкиот интерес пред интересот на скопјани и дека не се сака долгорочно решение за намалување на трошоците, модернизација и за енергетска независност – децидни се од Левица.
Од советничката група на Левица додаваат дека ќе продолжат да предлагаат системски и развојни проекти со кои Градот ќе стане финансиски постабилен, енергетски ефикасен и поеколошки.
Град Скопје и претходно имаше слично претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас, друштвото за енергетски дејности „Градски енергетски системи“ АД Скопје (ГЕС), кое беше формирано на 21 јуни 2018 година, во времето кога беше Петре Шилегов градоначалник.
Тогаш од Градот образложија дека со формирањето на ова претпријатие се создаваат услови за преземање на топловодната мрежа и дека започнува да се спроведува процесот на гасификација на градот. Летото 2019 година, со одлука на Владата, на Градот Скопје му беше дадена на трајно користење дистрибутивната топловодна мрежа.
Намерата беше градските власти, преку ова претпријатие, да спроведуваат мерки за намалување на аерозагадувањето, како последица на затоплувањето на објектите. Уште тогаш плановите на ексградоначалникот Шилегов беа да направи функционално поврзување на трите топлификациски мрежи, што, всушност, се случи со доаѓањето на новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ во 2024 година.
Инаку, ова претпријатие чекаше Владата да ѝ ги одземе лиценците за вршење дејност на „Балкан енерџи груп“, но не се случи тоа. Со тоа, ова претпријатие практично и не профункционира. Потоа, бидејќи немаше никакви приливи на средства, вработените во ова претпријатие три месеци не добиваа плата, поради што на почетокот од август 2022 година тие дадоа отказ.
Тогашната градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во врска со отказите обвини дека вработените три години трошеле пари на граѓаните за високи плати, а при тоа не работеле ништо. Со тоа, практично и згасна ова претпријатие.
На крајот од 2019 година, ексградоначалникот Петре Шилегов имаше идеја за формирање на уште едно, градско станбено претпријатие преку кое, како што образложуваше, би се нашло решение, односно соодветно сместување на граѓаните во дивите населби, но не дојде до негово формирање.
(А. П.)












