Рудникот за злато во Крумовград им донесе неколку милиони на бугарската држава и на општината и создаде работни места за над двесте луѓе. Но, дали ја загрози егзистенцијата на целиот регион? Делегација од Македонија, од 16 до 19 септември, реализираше стручна посета на Република Бугарија, со цел размена на искуства и согледување на најдобрите европски практики во одржливото рударство во овој рудник и во заштитата на животната средина. Во составот на делегацијата учествуваа и експерти –геолози и инженери, кои од стручен аспект ги следеа применетите стандарди и технолошки решенија, како и група новинари од Македонија
Вадењето злато од руда е исклучително сложен процес. Бучава и прашина од експлозиите во рудникот со отворен коп, огромни камиони што го транспортираат концентратот од руда, ризик од контаминација на околното подрачје со тешки метали. Би било чудно ако луѓето од Крумовград, населено место со околу пет-шест илјади жители во Крџалиската област во јужна Бугарија, сместено на Источните Родопи, на бреговите од реката Крумовица, не се плашеле за својот живот и за своето здравје по отворањето на рудникот на златниот рид Ада Тепе во 2019 година, кој е на само три километри од градот. Во овој пограничен регион со голема невработеност, младите луѓе тешко остануваат. Но, рудникот отворил доброплатени работни места за над двесте луѓе, а од фондот што го формирал рудникот, во изминативе години биле реновирани училишта и градинки, биле донирани пари за отворање и за проширување на малите и на средните бизниси.
Лесно е да се каже, во принцип, дека рудниците по дифолт значат и еколошка катастрофа. Но, она што го виде македонската делегација при посетата на рудникот и разговорот со градоначалничката на градот, како и со случајни жители, дава поинаква слика, дека и рудниците може да бидат еколошки одржливи компании. Рудникот се затвора следната година, но нема илузии дека животот во градот ќе продолжи како и порано.
РУДНИКОТ „АДА ТЕПЕ“
На покана од Асоцијацијата на рудари, делегација од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, од 16 до 19 септември, беше во стручна посета на Република Бугарија, со цел размена на искуства и согледување на најдобрите европски практики во одржливото рударство и во заштитата на животната средина. Во составот на делегацијата учествуваа и експерти – геолози и инженери, кои од стручен аспект ги следеа применетите стандарди и технолошки решенија, како и група новинари од Македонија.

Програмата опфати повеќе активности и средби, меѓу кои посета на рудникот „Ада Тепе“ во Крумовград – најсовремениот рударски комплекс во регионот, лоциран во заштитено подрачје од еколошката мрежа Натура 2000, на 3 километри јужно од Крумовград. Рудникот е во сопственост на канадската компанија „Данди прешис металс“, која почнала со експлоатација на рудникот за злато во 2019 година и според плановите, во април наредната година ќе прекине со работа и ќе замине во Србија, да работат на ископ на злато и на сребро во друг рудник.
Делегацијата имаше можност на самото место да се запознае со примената на најнапредните технологии за управување со водата и со отпадот, како и со мерките за рекултивација што обезбедуваат минимално влијание врз животната средина.

– Овој рудник е признат во Европа како еден од најеколошките рударски комплекси во регионот и користи најсофистицирана опрема и технологии за управување со водата и со отпадот, минимизирајќи го еколошкото влијание, дури и во заштитените зони на Натура 2000. Ние сакаме да научиме од искуствата што се веќе докажани: како одговорно соработува компанијата со локалната заедница, како инвестира во развојот на бизнисите и на инфраструктурата и како создава придобивки за луѓето и за економијата. Македонија е решена, во идните стратегии и политики, да ги предвиди сите европски правила со цел да се обезбеди дека секој развој во секторот ќе биде одржлив, еколошки одговорен и во интерес на локалната заедница и на граѓаните – изјави Филип Петровски, државен советник за рударство во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Делегацијата беше примена од градоначалничката на Крумовград, Себихан Мехмед. На средбата беа презентирани придобивките од функционирањето на рудникот за локалната заедница: отворање нови работни места, фонд за поддршка на малите бизниси што не се директно поврзани со рударството, инфраструктурни инвестиции и подобрување на квалитетот на животот.
Градоначалничката информираше дека на почетокот проектот наишол на силен отпор од локалното население. Сепак, по организираните јавни расправи и информативните средби со жителите на Крумовград и на околните села, уште во фазата на подготовка и одобрување, било надминато стравувањето од потенцијалните ризици. Проектот бил прифатен и во изминатите години дал значаен придонес за локалниот развој: ја поттикнал економската активност во целата област, обезбедил вработување, го поддржал развојот на бројните мали бизниси и ја овозможил реализацијата на повеќе инфраструктурни проекти.

– Во 2019 година, прв пат по 40 години, во Бугарија се отвори нов рудник. Барањето за концесија на рудникот „Ада Тепе“ го добивме во 2005 година. Ни кажаа дека златото од рудата ќе се вади со цијанид и јас веднаш бев против и побарав да се примени друг метод. Бевме загрижени дека може да се загади реката Крумовица, која го снабдува градот со вода. Имавме тешки преговори, фирмата направи отстапки и рече дека ќе примени флуктуација. Во 2016 година, изградија и пречистителна станица во случај на прелевање на јаловината, таа да се пречисти и преку цевки да се изнесува подалеку од градот, а водата да биде со квалитет како за полевање. За среќа, досега немаше потреба да се активира пречистителната станица. Побаравме да постават мерни станици на четири точки најблиску до рудникот, кои ќе го мерат количеството на честички во воздухот и еднаш месечно да нè информираат за резултатите од мерењето. Во 2019 година, тргна работењето на рудникот и му се молев на Господ да нема хаварии. Но, се покажа дека добро работи и засега нема проблеми – ни рече градоначалничката на Крумовград, Себихан Мехмед, која е кметица на овој град веќе две децении.
Бидејќи остваруваат голем профит од златото, Мехмед рече дека побарале, иако не било предвидено со договорот за концесија, да се направи посебен фонд, а парите да се користат за подобрување на условите во болницата, градинките и во училиштата, за развој на културните и на спортските активности, како и да се асфалтираат улици и патишта. Голем дел од тој фонд се користи за поддршка на микро, на малите и на средните претпријатија и комбинира грантови, кредити и учество во капиталот, со цел да се поттикне развојот на локалниот бизнис и создавање одржливи работни места. Како куриозитет што треба да се спомене е тоа што било побарано од сопственикот на рудникот да ги заштитат ретките видови желки на ридот Ада Тепе, кој е во заштитеното подрачје од еколошката мрежа Натура 2000. Речено – сторено. Желките биле собирани и сега се сместени во посебно оградено подрачје. По затворањето на рудникот и неговата рекултивација, ќе бидат повторно вратени во природата.
– Крумовград беше познат по производството на тутун. Кога влезе Бугарија во ЕУ, беше побарано да се намали садењето тутун. Ние им дадовме на земјоделците субвенции во рок од 10 години да го пренаменат производството и тие се преориентираа на пиперката црвена капија, која добро се продава. Побаравме од парите од фондот да се направи кланица, затоа што се колеше по дворовите. Крумовград немаше градски превоз и со помош на фондот купивме три минибуси. Бидејќи Ада Тепе е рударско место и во историјата таму се копало злато, побаравме од рудникот да го финансира отворањето на Музејот на златото, кој сега е споменик на културата на градот и секој што го посетува, добива информации како се добивало златото низ вековите, а како се работи сега – истакна Мехмед.
Имено, рудникот се наоѓа на само три километри јужно од Крумовград и користи иновативен пристап за управување со рударскиот отпад, кој вклучува и прогресивна обнова на земјиштето уште во текот на неговата експлоатација. Надлежните на рудникот изјавија дека согласно со планот за негово затворање, престануваат со експлоатација во април наредната година, но тоа не значи дека комплетно си заминуваат. До 2032 година, продолжува нивната обврска за рекултивирање на просторот на ископот на рудникот, на кој ќе бидат насадени автохтони видови дрвја и ќе бидат подигнати спортско-туристички центри. По демонтирањето на механизацијата, како и на дел од објектите изградени за потребите на рудникот, канадската компанија ќе ѝ го подари на Општина Крумовград земјиштето што претходно го купила од државата.
Градоначалничката Мехмед вели дека 280 луѓе од Крумовград и од околината работат во рудникот. По затворањето на рудникот, ќе треба да им се најде нова работа на тие луѓе, затоа што се млади луѓе и ќе си заминат. Вели дека од наплатата на концесискиот надоместок од рудникот во општинската каса се слеваат меѓу два и три милиони евра годишно, што е три пати поголем буџет од претходно.
КРУМОВГРАД
Крумовград е мало место со околу пет-шест илјади жители. По улиците и на градскиот плоштад немаше голема раздвиженост на луѓе, но прашавме неколкумина од нив за работата на рудникот и за животот во градот. Таму ги сретнавме пријателките Маријана и Вена, пензионерки, кои ни кажаа нешто повеќе за градот.

– Овој убав град е изграден од Бугарите што порано живееле во Беломорска Тракија. Кога ја напуштале областа, голем дел се населиле овде. Сите овие куќи се изградени од нив. Сакале да направат еден убав град. Тие луѓе ги изградиле паркот, училиштата, киното, а личниот архитект на царот Борис ја конструирал судската зграда. Киното не е во добра состојба и повеќе нема кино, веќе нема многу нешта. Луѓето чувствуваат дека порано социјалниот живот бил подобар, дека луѓето повеќе се дружеле, дека со сегашниот начин на живот, луѓето се отуѓиле малку повеќе едни од други. Сепак, сите го сакаат градот. Тука, поголем дел од населението се Турци Помаци, а помалку се Бугари, но сите живееме како една целина и така треба да биде и во иднина – ни рече љубезната Маријана Христова-Момчилова, родена во Крумовград, која по завршувањето на образованието се омажила во Софија, каде што живее и сега.
Таа само налето ги посетува своите роднини и пријатели во родното место. Жал ѝ е што повеќето од внуците ѝ живеат надвор од Бугарија.
– Воопшто не ми се допаѓа тоа. Младите треба да останат во државата и тоа што го учат во туѓина, да го применат во родната земја – ни рече Маријана, која по професија била инженер.
Ја прашавме дали има разлика во градот пред да се отвори рудникот и откако почнал да работи, за тоа како се развива градот, како живее, кои се придобивките од рудникот.
– Целата Менделеева таблица е таму и кога се прават експлозии, тие минерали се шират во воздухот. Кога имаше дискусии дали да има таков проект или не, сите експерти кажаа дека ќе има последици, а дали има последици сега, не можам да кажам, затоа што не сум од луѓето што ги прават истражувањата. Тие треба да ја прочистат водата, да насадат нови дрвја и се надеваме дека ќе се случи сето тоа – очекува Маријана.
Нејзината пријателка, Вена Радева-Палажова, се надоврза и истакна дека, како жителка на Крумовград, еднаш била во рудникот.
– Бевме еднаш таму, но не разбравме ништо. Таму копале големи јами, сега ги затрупуваат. Какви ќе бидат последиците, не знаеме – ни рече Вена.
На плоштадот сретнавме и две мајки со мали деца. Ни рекоа дека жените претежно се вработуваат во болницата, училиштата, градинките, во малкуте продавници, но и во некои од неколкуте текстилни погони. Велат дека досега немало еколошки инцидент во рудникот и се надеваат дека ќе биде така докрај.

На малиот градски пазар што го посетивме, луѓето, претежно постарите, не сакаа да зборат за рудникот. Еден помлад пазарџија, кој продаваше претежно земјоделски производи, само ни кажа дека имало стравување од работењето на рудникот, но по вклучувањето на локалната заедница преку консултации и јавни расправи на кои било потенцирано дека ќе се применат најстрогите стандарди на ЕУ за животната средина и за биолошката разновидност, незадоволството и недовербата се намалиле.
Младите, пак, што ги сретнавме во едно од неколкуте кафулиња се пожалија дека во градот нема места за забава и дека за викендите одат во дискотеките во градот Крџали, оддалечен час и десет минути возење со автомобил од Крумовград. Понекогаш, велат, се организираат и одат на забава во Пловдив.
Во околината на Крумовград посетивме четири мали производствени капацитети (за производство на капачиња, за преработка и производство на сув зеленчук, погон за мебел и една поголема конфекција за детска облека), кои го прошириле своето производство благодарение на грантот што го добиле од фондот од рудникот. Тие од прва рака го пренесоа своето искуство.
Во рамките на посетата, делегацијата ја посети и фабриката во градот Карџали, каде што со примена на технологијата carbon in pulp се добива златото. На делегацијата ѝ беа презентирани и мерките за заштита на животната средина што се применуваат во процесот на работа.

Искуството од оваа посета ќе биде од големо значење во креирањето на новите законски решенија и стратегии за рударството и за геологијата. Приоритет ќе биде воспоставувањето најстроги еколошки стандарди при истражувањето, експлоатацијата и преработката на минералните суровини, јакнење на обврските за рекултивација, поддршка на локалните заедници и обезбедување поголема контрола и транспарентност во секторот.
Целта е да се обезбедат поголема економска корист, повисоки такси и рударски надоместоци, прецизно дефинирани права и обврски на концесионерите, поттикнување домашни и одржливи инвестиции и унапредување на економскиот потенцијал што го носи рударството.
Златниот музеј во Крумовград
Особено внимание кај македонската делегација предизвика посетата на Златниот музеј во Крумовград. Таму, љубезната Лејла Усеин не штедеше зборови за да ни каже за модерната музејска изложба, која ги чува највредните артефакти пронајдени во рудникот „Ада Тепе“.

– Со текот на годините, тимови археолози од Националниот археолошки институт, со музејот во БАС, детално ја проучуваа областа Ада Тепе. Собраните артефакти покажуваат дека овој локалитет бил најстариот рудник за злато во Европа, каде што пред Тројанската војна биле ископувани злато и сребро – истакна Усеин.

Во 2017 година, Музејот за историја на уметноста во Виена беше домаќин на изложбата „Првото злато. Ада Тепе – најстариот рудник за злато во Европа“. За три месеци, изложбата ја посетија 210.000 луѓе, што ѝ го даде првото место на ранг-листата на најпосетувани изложби со античка тематика во светот, во таа година. По истражувањата и ископувањата финансирани од концесионерот „Данди прешис металс крумовград“, сите наоди поврзани со големата слава на рудникот се собрани и изложени во овој музеј. Сега тие може да се видат во Музејот на злато, единствениот од ваков вид на Балканскиот Полуостров, кој беше отворен во 2022 година, во општинскиот детски комплекс „Крумовград“. Влезот е бесплатен.
Светлана БЛАЖЕВСКА