Говедското месо кај нас се продава по 1.000 денари за килограм, а во Германија стигна и до 50 евра за килограм. Потрошувачите се соочуваат со невиден скок на цените на месото, а во европските земји цените на говедското и на телешкото за една година се зголемија за 50 отсто. Трговците и сточарите предупредуваат дека цената на говедското месо може да се качи и над 1.000 денари за килограм во наредните месеци, бидејќи европските земји од каде што набавуваат секоја недела, им ги качуваат набавните цени. Причини за ваквиот ценовен шок, според сточарите, се намаленото производство на говедско месо, кризата во сточарството поради недоволна владина поддршка, доцнењето на субвенциите и сериозните проблеми со болестите кај животните.
– Говедската удина моментално се продава по 960 денари за килограм, а очекуваме да се зголеми цената, со оглед на тоа што земјите од кои увезуваме ние – Австрија, Полска се соочуваат со намалено производство. Во Германија, говедски стек веќе се продава по 50 евра за килограм. Ние секоја недела имаме нова набавна цена на говедското месо. Набавната за килограм јунешко со коска секоја недела е за 50 до 100 денари повисока. Јунешкиот бут, јунешката удина и меленото јунешко се продаваат од 900 до 1.000 денари за килограм, а јунешкото ребро е 600 денари за килограм – вели за весникот ВЕЧЕР Александар, сопственик на месарница во Скопје.
Што се однесува до цената на другите меса, тој вели дека има мало покачување на цената на пилешкото, додека цената на свинското е непроменета. Килограм свинска удина се продава од 260 до 400 денари за килограм, пилешкиот стек од 380 до 400 денари, а свежиот пилешки батак од 300 до 350 денари за килограм, во зависност од тоа дали е со или без коска.
Сточарите во државата веќе подолго време се незадоволни од состојбите во секторот, финансиската поддршка за сточарство е многу мала, субвенциите доцнат, а проблем се и болестите кај говедата.
– Субвенциите се многу мали во однос на оние што се даваат во европските држави и не може да придонесат за развој на земјоделството. Така, на пример, Македонија исплаќа 140 милиони евра субвенции годишно, а Словенија – 600 милиони евра. Освен што доцнат, субвенциите што се исплаќаат се повеќе популистички отколку развојни. Не се даваат во оние сектори и гранки што може да продуцираат најдобри резултати и најбрз развој – вели за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Тој вели дека не треба да одиме подалеку во Европа, да ја земеме Србија, која има двојно повисоки субвенции отколку кај нас и многу поразвиени земјоделско производство и сточарство.
И одгледувачите на овци се незадоволни од исплатата на субвенциите, за 2024 година државата им должи уште по 1.400 денари од овца. По новата програма за субвенционирање годинава, за грло сточарите ќе земат 3.000 денари. За да добијат субвенции, мора 30 проценти од јагнињата да ги однесат на колење во регистриран кланичен капацитет. Сточарите се жалат дека е укината субвенцијата за чување женско јагне, јагне предадено во кланица и дека е зголемена и сметката за пашарина.
Според податоците од Здружението на производители на добиток и месо, во Германија откупната цена на месото го надминала прагот од седум евра за килограм. Во споредба со 2023 година, ова е зголемување на цената од повеќе од 50 проценти и е далеку над стапката на општа инфлација. Цените за потрошувачите во месарниците и во супермаркетите се неколку пати повисоки. Килограм квалитетен говедски стек се продава по цена од четириесет до педесет евра.
Одгледувачите велат дека секоја година се намалува бројот на говеда. Многу фарми се затвораат, честопати нема наследници за да го продолжат бизнисот. Освен во Германија, бројот на говеда се намалува и во другите европски земји. И во Грција цените на месото експлодираа. Килограм говедско достигна 20 евра за килограм.
Во Хрватска, за само една година, цените на говедското и на телешкото месо се зголемија за 22,4 проценти. Податоците покажуваат дека второто највисоко зголемување на цените е забележано кај јагнешкото и кај козјото месо – од 11 проценти, дека поскапело свинското за еден процент, а пилешкото за 5,5 проценти.
(А. С.)