Во Народната банка се одржа 55. сесија на Клубот на истражувачите, пти што гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески истакна дека Клубот претставува платформа за презентација и разгледување научноистражувачки трудови на Народната банка, којашто ја поддржува научноистражувачката дејност во земјава во изминатите 12 години.
Беше претставен научниот труд „Моделирање на краткорочната побарувачка на готовите пари во оптек во Северна Македонија“ од авторката Марија Стојкоска.
– Трудот истражува област којашто е исклучително релевантна за централната банка, како институција којашто е задолжена за носењето и за спроведувањето на монетарната политика. Оттука, од посебно значење е и прецизноста во предвидувањата на движењето на готовината во оптек на дневна основа, со примена на современи алатки и економетриски техники – истакна Трајковски.
Авторката Стојкоска посочи дека готовите пари во оптек се дел од билансот на состојба на централната банка и имаат големо значење затоа што директно влијаат на тоа колку ликвидни средства им се потребни на банките во домашна валута.
– Токму затоа, прогнозирањето на готовината во оптек е важно за централната банка – ѝ помага полесно да управува со ликвидноста и успешно да ја спроведува монетарната политика – рече таа.
За таа цел, во рамките на трудот, авторката конструира модел на временски серии заснован на моделот за прогнозирање на дневната денарска готовина во оптек АРИМА, имајќи го предвид меѓународното искуство на други централни банки и препораките од литературата и детално го образложува моделот. Во истражувањето се опишува примената на моделот кај нас, а добиените резултати упатуваат на неговата висока прецизност во прогнозирањето на краток рок. Неговата примена во практиката ќе придонесе за унапредување на проекциите на ликвидноста на банките и за поефикасно управување со паричните текови преку соодветна поставеност на монетарните инструменти.