„Црно семе“ во изведба на Битолскиот театар, кој ќе гостува на сцената на МНТ на 20 февруари, е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија – судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна. На 21 февруари, пак, ќе гостува „Црнила“, психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина, во продукција Прилепскиот театар, а во режија на Пројковски

Претставите „Црно семе“ и „Црнила“ работени според истоимените ремек-дела на македонската книжевност, од авторите Ташко Георгиевски и Коле Чашуле, кои зборуваат за страдањата и за совеста на Македонецот низ историјата, ќе бидат одиграни на сцената на Македонскиот народен театар на 20 и 21 февруари, во изведба на Битолскиот и на Прилепскиот театар.

Имено, Народниот театар Битола ќе гостува на сцената на МНТ со претставата „Црно семе“, на 20 февруари, во 20:00 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

– „Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија – судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и за достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации – велат од Битолскиот театар.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

– Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе – истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.

На 21 февруари, во 20:00 часот, пак, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, а во режија на Дејан Пројковски.

– „Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога ќе го проголта идеологијата.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки – тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата, Сара Спиркоска настапува како Неда, во улогата на Иван ќе настапи Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Александар Тодески го игра Христов, во ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи – Михајло Миленкоски, Илија Волчески е Младичот, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.

ИЗДВОЕНИ