И покрај субвенциите и замената на нафтата во училиштата, просечната вредност на штетните честички останува над границите. Минералната прашина од каменоломите, сообраќајот и греењето на биомаса се главни извори на загадувањето, додека локалните власти најавуваат нови мерки за почист воздух
Квалитетот на воздухот во Гостивар останува едно од најчувствителните еколошки прашања во Полошкиот Регион. Иако се бележи одредено подобрување во последните години, податоците покажуваат дека концентрациите на штетни честички сè уште ги надминуваат дозволените граници, а структурните причини за загадувањето остануваат присутни.
– Во Општина Гостивар, најголемиот дел од загадувањето доаѓа од минералната прашина, прашината од градежни активности и од ресуспензијата од улиците. Големиот број каменоломи во близина на градот создаваат дополнителен притисок врз квалитетот на воздухот, особено во сувите периоди, кога лесно се задржуваат честичките во атмосферата. На ова се надоврзува и сообраќајот, како и согорувањето биомаса за загревање во домаќинствата, јавните објекти, дуќаните и во фирмите, што претставува значаен извор на ПМ-честички во зимскиот период – покажува анализата во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“.
Според податоците од Државниот мониторинг-систем за квалитетот на воздухот, во 2025 година просечната концентрација на ПМ 10-честичките во Гостивар изнесувала 41,9 мг/м³, додека во текот на годината имало 94 дена кога била надмината граничната вредност од 50 мг/м³. Просечната годишна вредност на ПМ 2,5 достигнала 28,43 мг/м³, што е над дозволената граница од 25 мг/м³. Овие бројки укажуваат дека, и покрај одредено подобрување, загадувањето со фини честички останува сериозен здравствен и еколошки предизвик. Истовремено, временските услови имаат значително влијание врз квалитетот на воздухот, вчера, поради дождот и засилениот ветар, мерната станица поставена во дворот на ООУ „Гоце Делчев“ во западната зона на градот регистрираше вредности во рамките на нормалата за сите загадувачки параметри.
Локалните власти годинава најавуваат засилени мерки за намалување на загадувањето. Предвидени се 2 милиони денари за субвенционирање на домаќинствата за набавка на инвертери и 1,5 милион денари за субвенции за велосипеди, со цел намалување на емисиите од греењето и од сообраќајот.
Субвенциите ќе се реализираат преку јавни повици на кои ќе може да аплицираат граѓаните. Паралелно, Општината спроведува замена на фосилните горива во објектите во своја надлежност. Минатата година, во училиштата во Лакавица и во Србиново била заменета нафтата со инвертери, а годинава, со поддршка од Министерството за животна средина, планирана е замена на системите за греење во уште три училишта – во Здуње, Вруток и во Речане, со што вкупно пет училишта ќе престанат да користат нафта.
Надлежните посочуваат дека со ова не се намалува само надворешното туку и внатрешното загадување, бидејќи мерењата покажале дека во просториите во кои се користи нафта има зголемено ниво на штетни честички, што директно влијае врз здравјето на учениците. Општината обезбедила и шест прочистувачи на воздух, поставени во четири основни училишта и во две градинки. Според извештајот од Одделението за мониторинг на квалитетот на воздухот при Министерството за животна средина, минатата година само на 16 и 17 декември бил надминат прагот од 100 мг/м³ за ПМ 10-честички, што значи дека имало два дена со екстремно загадување.
Како фактор за подобрувањето се наведува и постепената промена на навиките кај граѓаните, со сè поголема употреба на инвертери, топлински пумпи и на соларни панели, а сè помала зависност од дрва и од нафта. Кај новите објекти, според надлежните, доминираат почистите системи за греење, додека оџаците стануваат сè поретка појава во урбаната слика на градот. Планирано е и проширување на зелените површини, како долгорочна инвестиција за почиста животна средина.
Кампањата „Заедно – да ја прекинеме линијата на загадувањето!“ се реализира во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој го спроведува УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и со повеќе општини, меѓу кои и Гостивар, како и Куманово, Струмица, Кавадарци и Струга. Проектот е дел од рамковната програма на УНДП, финансирана од Амбасадата на Шведска и насочена кон јакнење на општинските капацитети за справување со аерозагадувањето.
Иако резултатите укажуваат на намалување на екстремните пикови на загадување, годишните просечни вредности сè уште се над дозволените граници, што значи дека борбата за почист воздух во Гостивар останува долгорочен процес, кој ќе бара континуирани мерки, системски пристап и активна вклученост на институциите и на граѓаните.
(С. Бл.)












