Поради оштетување на главниот цевковод, Гостивар и околните населби останаа без вода за пиење. Од гостиварски „Комуналец“ информираа дека механизацијата на „Бехтел и Енка“ при ископ близу селото Здуње за автопатот, ги оштетила двете главни доводни цевки со дијаметар 500 мм и уште една помошна со 200 мм што ја носат водата од изворот на Вардар до корисниците. Оттаму посочија дека се прават напори проблемот да се санира.
– Водоснабдувањето ќе биде повторно воспоставено по завршувањето на поправките. Се извинуваме за непријатностите и ви благодариме за разбирањето – порачаа од „Комуналец“.












