Пробата во пресрет на балетот „Госпоѓа Бовари“ во Македонската опера и балет заврши со скандал и со најави за судска разрешница. Имено, суспензијата на првата обоистка, Татијана Петрушевска, од Македонската опера и балет, поради конфликтот со диригентот гостин на пробата на оркестарот за претставата „Госпоѓа Бовари“, крена прашина во јавноста, поставувајќи прашање дали се работи за незаконска одлука на управата или за оправдана постапка?!

Обоистката Петрушевска вчера обвини дека била незаконски суспендирана, дека ѝ бил забранет влез во матичната куќа додека трае дисциплинската постапка против неа и дека платата ѝ е намалена на 50 отсто. Петрушевска наведува и дека суспензијата ѝ била врачена по настан на проба на 16 јануари 2026 за балетот „Мадам Бовари“, кога, според нејзиниот исказ, била цел на диригентот гостин, Едуард Амбарцумјан.

– Диригентот гостин, Амбарцумјан, ме обвини пред оркестарот дека не свирам во темпо, како свесно да сакаше да влезе во конфликт конкретно со мене, а јас како да бев однапред зацртана цел. Јас му одговорив дека тоа не е точно и дека „свирам онака како што тој диригира“. Потоа ме повика да ја напуштам просторијата, а јас побарав објаснување зошто да го направам тоа и дали го прекршив работниот процес, кажа Петрушевска.

Синдикатот на културата, кој, пак, ден претходно ја објави веста, повика и на заштита од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Оттаму завчера кажаа дека ја добиле изјавата на Петрушевска, која повеќе од 30 години е вработена како оркестарски уметник – прва обоа во Македонска опера и балет, и дека суспензијата е изречена спротивно на законските процедури, без правна основа и со грубо кршење на работничките права.

Денеска експресно реагираа и од Управата на Македонската опера и балет, каде што го отфрлаат обвинувањето, посочувајќи дека реагирале соодветно.

– Како најголема културна институција во државата, со преку 500 вработени лица,  МОБ мора да функционира со јасна хиерархија, поделба на одговорностите и почитување на работната етика и дисциплина. Како и во оркестарот, точно е утврдено кој каква улога има. Секое отстапување од овој систем на функционирање, влијае врз целината. Улогата на управата не е да зазема страни, туку да обезбеди ред, дисциплина и зачувување на уметничките стандарди, посочи денескаОливер Арсовски, директорот на македонската Национална опера и балет, на прес–конференцијата. Тој додаде дека диригентот е водечки авторитет и дека нема да дозволи личната нетрпеливост на поединци да се манифестира со отсуство на респект кон колегите и соработниците од странство, со кои МОБ долги години работи на квалитетни продукции. Истакнувајќи дека изнесените наводи од Петрушевска, во врска со дисциплинската постапка поведена против неа, се невистинити и паушални, апелираше до Синдикатот да постапува во согласност на своите правилници и законската рамка, со цел – заштита на колективот, публиката и интегритетот на оперската и балетската уметност.

– Во тек е дисциплинска постапка за дисциплински престап. Она, што е важно е дека постојат изјави од вработени, како и изјава од диригентот на претставата, врз основа на кои е донесен предлог за поведување на дисциплинска постапка за дисциплински престап, и решение за суспензија, согласно со одредбите од Законот за култура. А, во врска со наводите од Петрушевска дека не се водени постапки против неа, ќе наведам дека тоа не е точно, односно во повеќе наврати вработени од оркестарот барале заштита од нејзиното однесување, изјави Арсовски, посочувајќи дека за случајот веќе од понеделник ќе одлучи дисциплинската комисија, а таа одлука ќе биде испочитувана од негова страна.

(Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ