Првпат е виден Пади Пимблет во јавноста по тешкиот пораз на настанот „УФЦ 324“, а новите фотографии ги покажуваат бруталните последици од неговата борба против Џастин Гејчи, за привремената титула во лесна категорија. Англискиот борач прими 200 удари во текот на пет рунди во Лас Вегас пред, конечно, да го претрпи својот прв пораз во УФЦ, со едногласна судиска одлука.

Три дена по борбата, неговата сопруга, Лаура, сподели неколку слики на социјалните мрежи, со натпис: „Засекогаш горда на тебе. Те сакам толку многу“. Иако Пимблет носи очила за сонце или е свртен со грбот на повеќето фотографии, еден крупен план од неговото лице стана вирален. На него се гледа неговото лице, кое е отечено, обезличено и покриено со исеченици и со модринки.

Фотографијата предизвика голем број реакции кај неговите обожаватели, кои коментираа за неговите сериозни повреди.

„О Боже, какво тепање претрпи!“, напиша еден корисник. Друг додаде: „Штетата што ја претрпи е неверојатна. Зошто никој не го обвинува неговиот табор за ударите што ги претрпи?“ Трет го кажа тоа поживописно: „Лицето на Пади изгледа како да е прегазено од камион, удрено од товарен воз, а потоа удрено од реалноста“. Се појавија и коментари како: „Проклетство, очите му изгледаат ужасно!“ и „Оваа борба ќе му остават лузни до крајот на животот“. Некои споменаа и контроверзни моменти од борбата: „Тие убоди во окото беа гадни. Момчето заслужува реванш“.

Најпосле се огласи самиот Пади Пимблет. Во објава на „Инстаграм“, тој се осврна на својот прв пораз во промоцијата.

  • Се надевам дека сите уживавте во борбата колку што уживав и јас. Сакам да им се заблагодарам на сите што дојдоа и на сите што ја гледаа од дома. Сосема сум добро, немам повреди. Влегов во борбата чувствувајќи се одлично, имав одличен пред-камп и лесно ослабев. Нема изговори, подобриот борач победи таа вечер. Џастин Гејчи, честитки! Беше чест да го делам кафезот со таква легенда. Оди земи го тој неоспорен појас, твојата кариера го заслужува тоа – му рече на својот противник.

Пимблет имаше завршен коментар.

  • Се надевам дека повторно ќе можеме да се бориме за неоспорната титула, бидејќи сè уште знам дека сум предодреден да го освојам тоа злато. УФЦ, ти благодарам за можноста. Сите знаете дека ќе се вратам за тој појас во блиска иднина – порача Пимблет.

ИЗДВОЕНИ