Гори од Мадрид до Чањ, пожари од библиски размери беснеат низ Европа

502

Новиот топлотен бран доведе до катастрофални пожари во повеќе европски земји и во голем број туристички дестинации. Европа гори од Мадрид до Чањ, а ситуацијата е критична во многу градови. Во тек се евакуации, а има и една жртва, наведува Танјуг.

Разорни пожари беснеат низ цела Црна Гора. Првиот избил кај Чањ, а потоа се проширил во Подгорица, Будва, Бар, Буљарица, каде се раширил од запален автомобил и во текот на денот се приближил до плажата. Гори и во Никшиќ, Шавник и во Бијело Поље, оставајќи пустош зад себе. Пожарот во Чањ и Буљарица кој тој дел од приморјето го обви во густ чад вчера беше целосно вон контрола, а ветерот дополнително го отежнуваше гаснењето. Главниот град, Подгорица се најде во огнен обрач. Црногорските власти побараа помош и од НАТО за гаснење на пожарите, а на помош дојдоа и пожарникари и ер-трасктори  од Хрватска, Словенија и од други земји.

Пеколно е и во Хрватска. Според извештајот на Државниот противпожарен оперативен центар 193 во периодот 11-12 август 536 пожарникари со 181 противпожарно возло имале 135 интервенции, а биле ангажирани и пет канадери. Горело во приморксите жупании – Задараската, Сплитско-Далматинската и Шибенско-Книнската. Проценето е дека е опожарена повершина од 281 хектар. Силниот ветер денеска го обновил пожарот во близина на Крил Јесенице што беснееше претходниот ден. Хрватските медиуми јавуваат дека  во пожарот што избувнал во ноќта помеѓу неделата и понеделникот, изгореле околу 250 хектари трева, макии, ниска вегетација, борова шума, како и плантажи со маслинки и лозја. Пожарниот фронт бил долг околу три километри и широк еден километар, а се приближил до станбените згради.

Полни раце работа имаат и грчките пожарникари. Пожари вчера  ги зафатија областите Кефалонија, Воника и Закинтос, додека евакуацијата на загрозените населби продолжува. Во многу делови од земјата и понатаму постои висок ризик од нови пожари. На Кефалонија и Воница, вчера рано изутрина избувнаа пожари во Лагада, Аргостоли и Палиамела, за што жителите добија предупредувања, објави Катимерини. На Закинтос пожар беснее во шумска област во  Килиоменос. Во гаснење на пожарот учествуваат вкупно 11 воздухопловни единици, а вчера цивилната заштита предупреди дека се уште постои висок ризик од пожар во многу региони.

Пожарникарите во Турција се борат со шумски пожари во неколку области. Пожарот се шири од силни ветрови, а луѓето од три села се евакуирани од безбедносни причини. Пожарот, кој почна во округот во центарот на северозападната покраина Чанаккале и се прошири кон селата Гузељали, Чинарли и Еренкеи, сè уште го гаснат пожарникарите. Како превентивна мерка, 2.090 жители на трите села се евакуирани. „Хуриет“ објави дека напорите за гаснење на пожарот, кој беше регистриран во понеделникот во 13:30 часот, продолжиле и денеска од воздух со првите зраци на сонцето. Десет авиони и девет хеликоптери се бореа со пожарот од воздух, додека 75 камиони за вода, 35 противпожарни возила, десет булдожери, 92 други возила и 760 луѓе реагираат од земја. Властите евакуираат универзитетски кампуси, воени и станбени области и ги повикаа жителите да избегнуваат непотребни патувања за да ги одржат патиштата отворени за возила за итни случаи.

Гори и во Шпанија и Португалија. Екипите за итни случаи и пожарникарите се борат со повеќе пожари во двете држави  додека рекорден топлотен бран продолжува да го погодува регионот. Пожарникарите ноќта меѓу понеделникот и вторникот работеле на гаснење пожар во општината Трес Кантос, на околу 23 километри северно од Мадрид, пишува Би-Би-Си. Екстремната температура, која достигнува до 44 степени Целзиусови во Шпанија и Португалија, се очекува најмалку уште утре, предупредуваат официјалните лица. На север од Шпанија, во регионот Кастиља и Леон, околу 800 луѓе се евакуирани од шест села поради неколку активни пожари во близина на Националниот парк Лас Медулас, кој е под заштита на УНЕСКО. Во Мадрид загина маж кој претрпел изгореници на 98 проценти од телото. Во Португалија, околу 700 пожарникари се борат со пожар во областа Транкозу, околу 350 километри североисточно од Лисабон. Оваа година во Португалија изгореле околу 52.000 хектари шума, што е за 10.000 хектари повеќе од просекот за истиот период во изминатите 18 години, според Европскиот информативен систем за шумски пожари, објави Ројтерс.

 

 

ИЗДВОЕНИ