Пожарите на територијата на државата, поради новиот топлотен бран со високи температури, повторно се активираа.
Според информациите на Центарот за управување со кризи, до пладне, на територијата на целата држава имало три пожари на отворен простор, од кои два се активни.
Активни пожари има во Националниот парк „Јасен“, каде што гори мешана шума на територијата на Општина Македонски Брод и во струмичкото село Сарај, каде што гори отпад.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, наведе дека екипи на НП „Јасен“ биле излезени на терен, но поради непристапноста на теренот, не биле во можност да дејствуваат.
– Дејствуваа два полициски хеликоптера, но поради силниот ветер, ефектот беше намален – нагласи Ангелов, додавајќи дека биле упатени кон пожарот два ер трактора на ДЗС, додека превентивно се упатиле и три пинцгауери на ДЗС, како и 25-мина припадници на МВР.
Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), под контрола е пожарот во ресенското село Долно Дупени, во близина на Преспанското Езеро.
Ангелов информираше дека е ставен овој пожар благодарение на екипите на ТППЕ Ресен и на вработените во ЈП „Национални шуми“.
– Екипите патролираат, а по потреба, дејствуваат за да се спречи негово реактивирање – истакна Ангелов.