Во рамките на петтата седница на Мешовитата комисија за економска соработка меѓу Македонија и Унгарија, која се одржа вчера и завчера, во Будимпешта, беше потпишана програма за соработка во областа на културата и на уметноста меѓу македонското Министерство за култура и туризам и Министерството за култура и иновации на Унгарија. Документот го потпишаа државните секретари Марија С. Ѓоргова и Анита Кис-Хеги, со што се отвора нов период на продлабочена соработка и заеднички активности.

Обраќајќи се на пленарната сесија, државната секретарка Ѓоргова нагласи дека Мешовитата комисија претставува јасна потврда на заедничката заложба за унапредување на соработката во повеќе општествени области. Таа истакна дека културата е еден од најсилните мостови меѓу двете држави и дека новата програма ќе придонесе за уште поинтензивна културна размена и претставување на уметниците во двете земји.

Ѓоргова, исто така, истакна дека приоритет на Министерството е поголема меѓународна видливост на македонската култура и дека соработката со Унгарија, како традиционален партнер, има посебно значење. Таа ги поздрави активноста на македонската заедница во Унгарија и неодамнешното отворање на Центарот за балканско културно наследство во Будимпешта.

Говорејќи за туризмот, државната секретарка нагласи дека секторот има силен развоен потенцијал и дека Македонија станува сè поатрактивна дестинација благодарение на природните богатства, културното наследство и на континуираните вложувања во инфраструктурата и во услугите. Таа изрази уверување дека размената на искуства и заедничките иницијативи со унгарските институции ќе придонесат за натамошно зајакнување на туристичката и на економската соработка.

ИЗДВОЕНИ