Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година, соопшти денеска градоначалникот Орце Ѓорѓиевски по средбите во Брисел.
Како што информира Град Скопје, Ѓорѓиевски заедно со министрите Тимчо Муцунски и Зоран Љутков, оствари значајна средба со еврокомесарот Глен Микалеф, на која ја претстави подготвеноста на градот да влезе во нова ера на европски стандарди и трансформација.
Градоначалникот најави историска трансформација на Скопје преку деблокирање на процесот, воведување транспарентно управување и инвестиција од над 55 милиони евра во клучна инфраструктура. Оваа визија, според него, предвидува модерно, отворено и европско Скопје, кое го вклучува целиот систем од општините до граѓаните.
-Ја претставивме нашата јасна позиција за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ и подготвеноста на градот, со силна меѓуинституционална поддршка, да ја продолжиме реализацијата на оваа важна европска обврска. И денес можам со гордост да кажам, дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година. Како нов градоначалник ја отворам најважната страница за нашиот град, започнуваме историска трансформација што ќе нè подготви конечно да ја носиме оваа титула со достоинство. Проектот беше целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, но со сериозна работа во изминатиот период го деблокиравме процесот и го насочивме кон транспарентно, професионално и законско функционирање. Ова е визија за модерно, отворено и европско Скопје, град што ја вклучува заедницата, ги поттикнува младите, ги поддржува уметниците и создава услови за силна културна размена, рече Ѓорѓиевски.
Како што нагласи, 2028-ма е моментот кога Скопје конечно ќе стане јасно присутно на европската и светската културна мапа.
-Поставуваме европски стандарди со силна и независна управувачка структура, меѓународен советодавен борд и професионален тим кој ќе го реализира проектот како што доликува. Почнуваме и со клучни инфраструктурни промени како што се Скопско Кале, Аквадуктот, Скупи, МКЦ, нов Европски центар за култура, зелени магистрали, нови паркови и современи јавни простори – инвестиција од над 55 милиони евра што ќе го трансформира градот. Паралелно, го склучуваме и итниот Договор за локална соработка и интеграција – прв од ваков ранг во Скопје, кој ги обединува 10 општини, сите училишта, јавните претпријатија, универзитетите, културните институции, НВО секторот, маргинализираните заедници и секој граѓанин што сака да придонесе. Скопје станува еден заеднички систем, една енергија и една визија. Влегуваме храбро. Работиме чесно. Работиме за сите, Скопје – нашата нова европска приказна, започнува сега, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.











