Кога зборуваме за иднината на Скопје, секогаш почнувам од трите основни приоритети на моето дејствување – обнова на инфраструктурата, подобрување на хигиената и реформа на јавниот превоз. Без чисти улици, уреден сообраќај и функционален систем, нема современ град. Но, истовремено, нема ни жив град без радост, култура и места каде нашите деца растат со насмевка, истакна вчера на прес-конференција, кандидатот за градоначалник на Скопје, од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
– Затоа денес зборуваме за обновата на две локации кои, за жал, се само дел од убавите сеќавања на сите скопјани – лунапаркот и зоолошката градина. Генерации деца израснаа без лунапарк и без вистинска, модерна зоолошка градина. Не смееме да дозволиме тие да бидат само спомени на минатото. Време е новите генерации да растат со свои искуства, да креираат свои убави спомени. Скопје мора повторно да стане град во кој детството има свое место, своја радост и свој дом. И токму затоа, сакам да најавам дека по многугодишно одолговлекување и празни ветувања, ние ќе започнеме со итна изградба на нов, модерен лунапарк, наменет за сите генерации, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека ова нема да биде само простор со реквизити, туку современ забавен центар со европски стандарди за безбедност, со тобогани, водени атракции, интерактивни игри и зони со виртуелна реалност. Лунапаркот ќе биде пристапен за сите, вели Ѓорѓиевски.
– И за лицата со попреченост, со вграден систем за безбедност, видеонадзор и прва помош. Ќе создадеме место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, локации за културни настани и улична уметност. Всушност, Скопје ќе добие нова атракција што ќе го подобри туристичкиот имиџ на градот. Паралелно со тоа, ќе ја започнеме и целосната обнова на ЗОО Скопје. Ќе се подобрат условите за животните, но и за посетителите и за вработените. Ќе се постават топлински пумпи за енергетски ефикасно греење, нови покриви со пластифициран лим, видеонадзор, систем за безбедност и хигиена. Ќе се изгради центар за хипорехабилитација, каде деца со аутизам или церебрална парализа ќе можат да добиваат терапевтско јавање. Останатите посетители овој центар ќе можат да го користат рекреативно. Ќе се воведе модерен систем за дигитална наплата преку „Скопје сити гоу“, за побрз и полесен пристап. Ќе се изгради канал за вода и силоси за храна за економично и одржливо работење. Со ова, ЗОО Скопје ќе стане современа, едукативна и хумана институција, која ќе ги привлекува посетителите и ќе ги воспитува децата во духот на почит кон природата и животот, нагласи Ѓорѓиевски.