Ѓорѓиевски реизбран за претседател на ЗЕЛС

38

Со едногласна одлука, на денешната Конститутивна седница Генерално собрание, Орце Ѓорѓиевски е реизбран за претседател на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).

Тој од срце им се благодари на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС за укажаната доверба, заедно со колегите, двајцата нови потпретседатели, Изет Меџити и Горан Герасимовски.

– Уверен сум дека пред нас е успешен мандат кој ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и во продлабочувањето на децентрализацијата. Овој оптимизам го темелам на неколку клучни причини.  Прво, изминаа дваесет години од започнувањето на процесот на децентрализација, период во кој локалната власт созреа и се изгради јасна визија за неопходните реформи. Второ, во овој мандат располагаме со значаен човечки потенцијал и искуство, повеќе од половината градоначалници имаат најмалку еден мандат зад себе, а меѓу нив и колеги со долгогодишен континуитет. Трето, искуството од енергетската криза покажа дека кога сме обединети во рамките на ЗЕЛС, можеме да изнајдеме решенија и да се справиме со најтешките предизвици – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека за разлика од минатото, денес ЗЕЛС има јасна поддршка од Владата и премиерот Христијан Мицкоски.

– ЗЕЛС претставува стабилна и инклузивна заедница во која сите општини настапуваат рамноправно, без разлика на политичка, етничка или на верска припадност. Преку документот „Систематизирани ставови на ЗЕЛС“ и новата Стратегија за периодот 202 – 2030 година, јасно ги дефинираме приоритетите и подготвено настапуваме во дијалогот со централната власт – нагласи Ѓорѓиевски.

Тој наведе дека во изминатиот период, ЗЕЛС активно учествувал во подготовката на измените на Законот за локална самоуправа, при што било прифатено и долгогодишното барање за воспоставување општинска комунална полиција.

Ѓорѓиевски најави дека во наредниот период фокусот ќе биде ставен на посериозна децентрализација, особено во областа на социјалната заштита, како и на обезбедување поголема финансиска стабилност на општините.

– Ќе продолжиме со лобирање за поголем удел на општините во јавните приходи, подобра наплата на сопствените извори и понатамошен развој на електронските услуги. Пред нас стојат уште многу важни прашања, но уверен сум дека со заеднички пристап и јасна визија ќе постигнеме конкретни резултати – заклучи Ѓорѓиевски.

 

ИЗДВОЕНИ